Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска најави дополнителна помош од 135 милиони долари за Палестинците, нагласувајќи дека од клучно значење е помошта да стигне до Појасот Газа. Тој ова го изјави денеска во Катар, како дел од неговата 11-та посета на Блискиот Исток по избувнувањето на војната во Газа во октомври минатата година, пренесува АП.
Според американската агенција, САД сакаат да ги обноват преговорите за прекин на огнот во Газа откако израелските сили го убија лидерот на Хамас Јахја Синвар минатата недела, но ниту ИДФ ниту Хамас не ги променија условите што ги поставија за договорот.
Во исто време, најмалку 17 лица, претежно жени и деца, загинаа денеска во израелски напад врз училиште каде раселените лица се засолнувале во централниот дел на Појасот Газа, соопштија палестинските медицински претставници. Уште 42 лица се ранети во нападот во изградениот бегалски камп Нусејрат, соопшти болницата Авда, а меѓу загинатите во овој напад има седум деца под една година, како и три жени.
Израел изврши неколку напади во последниве месеци врз училишта кои сега служат како засолништа, велејќи дека тие се насочени кон милитантите на Хамас за кои се вели дека се кријат меѓу цивилите, при што честопати се убиени жени и деца во нападите. Во израелските напади врз Газа од октомври минатата година, загинаа повеќе од 42.000 Палестинци, од кои половината се жени и деца, соопшти Министерството за здравство во енклавата, пренесува „Танјуг“.