Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека САД не се согласуваат со главните барања на Русија во врска со непроширувањето на НАТО во Украина, на што Вашингтон денеска писмено и одговори на Москва.
Москва побара НАТО да се обврзе да не се шири во Украина и другите поранешни советски републики и да не распоредува оружје на тие територии.
Денешниот американски одговор на Русија јасно укажува дека САД остануваат верни на своите принципи, рече Блинкен.
„Нема промена, нема да има промена“, изјави шефот на американската дипломатија, пренесува Бета-АП.
Руското Министерство за надворешни работи претходно објави дека САД доставиле писмен одговор на барањата на Кремљ, во време на високи тензии, кога Западот стравува дека Москва ќе ја нападне Украина.
Американскиот амбасадор во Москва Џон Саливан му го предаде одговорот на заменик министерот за надворешни работи на Русија Александар Грушко.
Пред да го добие одговорот, Русија денеска предупреди дека брзо ќе преземе одмазднички мерки доколку САД и нивните сојузници ги отфрлат нивните безбедносни барања и продолжат со својата агресивна политика.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров им рече на членовите на рускиот парламент дека тој и другите високи функционери ќе го советуваат претседателот Владимир Путин за следните чекори откако ќе добијат писмени одговори на барањата од Соединетите држави.