Блинкен пристигна во ненадејна посета на Зеленски, носи дел од ветената помош

од Milan1
170 прегледи

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска пристигна во ненајавена посета на Украина. Тој соопшти дека дел од новиот пакет помош од САД веќе пристигнал во Украина и дека наскоро се очекува да пристигнат уште пратки.

Блинкен ова го изјави на средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев, каде претходно денеска пристигна во ненајавена посета.

„Помошта ќе направи вистинска разлика во тековната борба против руската агресија на бојното поле“, рече тој.

Зеленски ја пофали „клучната“ помош на САД и посочи дека најголемиот дефицит на украинско оружје е противвоздушната одбрана, пренесува Ројтерс. Тој му истакна на Блинкен дека на Украина и се потребни две батерии за противвоздушна одбрана за североисточниот град Харков, кој е цел на руски воздушни напади.

Блинкен ја прави својата четврта посета на Украина од почетокот на војната во 2022 година, а целта на посетата е да го увери Киев дека ја има американската поддршка додека се бори да се одбрани од сè поинтензивните руски напади. Стејт департментот објави дека Блинкен ќе разговара со украинските претставници за „ситуацијата на првата линија, влијанието на новата безбедносна и економска помош на САД, долгорочните безбедносни и други обврски и охрабрувањето на економското закрепнување на Украина“, пренесува „АП“.

Слични содржини