Буџетот за 2021. година наменет на Министерството за транспорт и врски, ќе овозможи навремена реализација на капиталните инвестиции, како и задоволување на потребите на голем број граѓани. Ова го посочи, министерот на ресорното министерство, Благој Бочварски.
Како што посочува министерот, најголемиот дел од овие проектирани средства се расходи наменети за капитални проекти. Имено, буџетот на Министерството е позициониран на ниво од 5 милијарди и 306 милиони денари, од кои 4 милијарди и 404 милиони денари се за капитални проекти.
„Планираме да обезбедиме високо ниво на реализација на капиталните инвестиции во делот на гасификацијата, железничката и комуналната инфраструктура како и станбената изградба. И покрај Ковид кризата, развојната компонента ни дава очекување дека следната година ќе имаме заздравување на економијата и позитивни стапки на раст“, истакна Бочварски на денешната прес конференција.
Вели и дека се наоѓаме во фаза каде се неопходни крупни инвестиции во инфраструктурата, за кои како што оценува дека ќе бидат предуслов предуслов за закрепнување и брз развој на државата.
„Изминува тешка година за сите нас, но ме радува фактот што во градежниот сектор нема отпуштање на работници, што ни дава за право да констатираме дека најголемо влијание за тоа имаат токму капиталните инвестиции во изградба на инфраструктурата. Токму заради тоа, вложувањето во капиталните проекти сега е повеќе од потребно за да ја вратиме економијата на посакуваните стапки на раст, да ги задржиме вработените на своите работни места, но и да обезбедиме транспарентни процеси кои се темелат на различните потреби на граѓаните“, истакна министерот, Бочварски.
Како што вели, за пругата кон Бугарија, се предвидени 1 милијарда и 800 милиони денари. Во овие проекти влегуваат и магистралните гасоводи за кои се издвоени 750 милиони денари, комуналната инфраструктура ќе чини 937 милиони денари, додека за санација и изградба на локални улици и патишта ќе бидат потребни 615 милиони денари. Изградбата на социјални станови ќе продолжи и ставката по тој основ изнесува се 134 милиони денари, а за финансиска поддршка на нови авиолонии се одвоени 69 милиони денари, со оглед на очекувањата за раздвижување на авиосообраќајот и враќање на редуцираните линии.
„За пругата кон Бугарија следната година ќе го објавиме тедерот за изградба на двете фази, првата од Куманово до Бељаковце за преостаниот дел што остана недоизграден и за втората фаза од Бељаковце до Крива Паланка. Постапката за избор на изведувач за двете делници ќе се одвива во еден тендер. Исто така ќе продолжиме со оддржување на железничката инфраструктура на Коридор 10“, вели Бочварски.
Тој во рамки на 2021. година, најави деа ќе заврши со изградба на двата магистрални гасоводи, од Неготино преку Прилеп до Битола и вториот од Скопје – Тетово до Гостивар. За овој значаен капитален проект се проектирани 750 милиони денари.
Министерството за транспорт и врски во соработка со Град Скопје започнува проект за обезбедување брз автобуски превоз низ градот. Град Скопје е носител и имплементатор на проектот, а во име на Градот, Министерството со одлука на Влада, ќе подигне заем за реализација. За следната година за таа намена се обезбедени 33 милиони денари.