Богоев: Царинската управа како сервис за стопанството, посветени сме на реформски политики за подобрување на условите за водење бизнис

од Radmila Tasevska
174 прегледи

Трговската интеграција на македонските компании на меѓународниот пазар е клучна за развојот на економијата, при што во овој момент сме фокусирани на спроведување реформски политики што ќе ја олеснат трговијата и ќе ги подобрат условите за водење бизнис.

Ова е главната порака од директорот на Царинска управа, Стефан Богоев при денешната посета на царинарница Скопје и царинската испостава Скопје 1, заедно со заменик директорот Муарем Асани.

– Воспоставуваме нов стандард на ефективност на Царинската управа како сервис за стопанството, при што работиме на конкретни мерки и политики со коишто ќе се создадат услови за повисока продуктивност на македонската економија, извоз на стоки и услуги со поголема домашна додадена вредност, што значи поголеми приходи во Буџетот, истакнал Богоев, соопштија од Царинската управа.

Истовремено, се наведува во соопштението, Царинската управа работи на реформски политики чија цел е подобрување на менаџирањето со ризици, намалување на сивата економија и сузбивање на корупцијата.

– Царинските давачки се еден од главните приходи во Буџетот на Република Северна Македонија. Притоа, царинските службеници имаат одговорност да се осигураат дека царинските давачки се платени во целост. За таа цел во моментов работиме на воспоставување на критериуми коишто ќе помогнат во таргетирање декларации во кои постои ризик за плаќање давачки во помал износ од реалната цена на стоката, ризик од погрешно царинско распоредување или ризик од неточно пријавување на потеклото на стоката, потенцирал Богоев.

Подоброто менаџирање со ризици, појаснуваат, значи подобро идентификување на пратки со висок ризик сè со цел заштита на финансиските интереси на државата, прибирање на поголеми приходи и заштита на конкурентноста.

Воедно, директорот Богоев при посетата на царинарницата Скопје говорел и за важноста од имплементирањето на националниот едношалтерски систем, што ќе функционира како нов бизнис хаб преку кој ќе се одвива целиот увоз, извоз и транзит, како еден од клучните проекти коишто ќе се имплементираат со цел олеснување на трговијата и забрзување на транспортот.

Минатата година низ царинарницата Скопје се обработиле вкупно 474 илјади декларации за увоз, извоз и транзит на стоките, што е 38,5 проценти од вкупно обработените декларации во државата.

Слични содржини