Борел е ужаснат од убиството на израелските заложници во Газа, повика на прекин на огнот

од Илинка Илиоска
18 прегледи

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел денеска изјави дека е ужаснат од „убиството на шест израелски заложници кои ги држеше Хамас“, чии тела беа пронајдени во Појасот Газа.

– Овие невини млади мажи и жени требаше одамна да бидат однесени на безбедно и повторно да се соберат со своите најблиски. Застануваме во одбрана на сите заложници, напиша Борел на социјалната мрежа Х.

Борел нагласи дека е потребен прекин на огнот за да се стави крај на трагедијата и сите заложници да се вратат дома.

Израелските одбранбени сили објавија дека телата на заложниците биле пронајдени во саботата во подземен тунел во Рафа во јужниот дел на Газа, јави Би-Би-Си.

Портпаролот на израелската армија Даниел Хагари изјави дека според првичните сознанија, заложниците биле брутално убиени од терористите на Хамас, непосредно пред да стигнат израелските војници до нив.

Високиот функционер на Хамас, Изат ал Ришк вели дека Израел е одговорен за нивната смрт бидејќи одбил да потпише договор за прекин на огнот.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска се закани дека „ќе се пресмета“ со Хамас по смртта на шесте заложници чии тела беа пронајдени во Појасот Газа.

– Оној што убива заложници не сака договор за прекин на огнот и ослободување на израелските заложници во замена за палестинските затвореници, рече Нетанјаху.

Пет од шесте заложници, на возраст меѓу 23 и 32 години, беа киднапирани од припадници на Хамас на музички фестивал за време на нападот врз Израел на 7 октомври.

Од киднапираните 251 лице тој ден, 97 се уште се држат како заложници во Газа. Според воени извори, 33 од нив се мртви.

Во одмаздничкиот израелски напад врз Појасот Газа, пак, според Министерството за здравство на владата на Хамас, досега загинале најмалку 40.691 лице и е предизвикана хуманитарна и санитарна катастрофа.

Слични содржини