Лидерот на партијата ГЕРБ, која доби најмногу гласови на парламентарните избори во Бугарија, Бојко Борисов најави дека во вторник ќе се разговара со „Продолжуваме со промената“ на Кирил Петков и Асен Василев.
Дописникот на МИА од Софија јави дека, според Борисов, нова бугарска влада нема да се формира ниту со првиот ниту со вториот мандат. Борисов, сепак, гледа можност тоа да се случи со третиот мандат. Тој смета дека е потребно да се разговара и со претседателот на Бугарија, какви било опции, за трет мандат и да има влада. Борисов додаде дека не може да му каже на претседателот Румен Радев која партија е погодна, туку едноставно егото мора да исчезне, како што исчезнало кај него.
Затоа тој ги избегнувал овие средби за да не ги испровоцира, а тие треба да се одржат кај претседателот. И таму сите треба да кажат дека се обврзуваат со своите пратеници да постапат на таков начин за да отидат во Народното собрание и да гласаат во името на бугарскиот народ.
Кирил Петков потврди дека средбата меѓу „Продолжуваме со промената“ и ГЕРБ не била за поддршка на спроведувањето на нивниот мандат за формирање нова бугарска влада. Тој беше дециден дека ќе има експерти за дијалог за политики за кои ќе бидат подготвени да ги поддржат и дека ќе бидат конструктивна опозиција.