Поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски на денешната јавна седница во Апелацискиот суд побара да му биде укинат притворот за случајот „Титаник“ на СЈО, бидејќи како што рече, неговата сопруга е со нарушено здравје и треба да се грижи за двете деца.
Божиновски пред судиите посочи дека нема намера да бега, а како доказ за тоа го посочи тоа што 17 месеци ги почитува мерките на претпазливост определени од судот.
Тој најостро го осуди бегството на Никола Груевски и рече дека со тоа е предизвикана непроценлива штета по сите процеси во државата, но и дека секој си носи последици за своите постапки.
Обвинителката од СЈО Лиле Стефанова, рече дека останува на писмено поднесениот предлог да бидат одбиени жалбите на одбраната како неосновани, а решението за притвор да биде потврдено во целост како законито.
Апелацискиот суд има рок од 48 часа да донесе одлука по жалбите за мерката притвор.