Полицијата во западната индиска држава Махараштра уапсила тинејџер осомничен дека ја обезглавил својата бремена сестра. Неговата сестра (19) се омажила за маж без согласност на нејзиното семејство, соопштија претставници на локалната полиција, пренесе Би-би-си.
Таа приготвувала чај за братот и мајка си кога била нападната со срп. Тинејџерот и неговата мајка потоа се предале на полицијата.
Братот бил испратен во малолетнички притвор откако неговиот адвокат изјавил дека има помалку од 18 години. Сепак, полицискиот функционер рече дека тоа тврдење ќе го оспори на суд бидејќи нашле потврда од која се гледа дека е полнолетен. Нивната мајка е приведена во полиција.
Инцидентот се случил во областа Аурангабад.
Жртвата избегала од дома во јуни и се омажила за млад човек кога била заљубена, иако нејзиното семејство се противело на нивната врска.
Иако и двајцата припаѓале на иста каста, нејзиното семејство не ја одобрувало врската бидејќи неговите биле посиромашни. Младата жена по бракот немала многу контакти со семејството, но една недела пред убиството ја посетила нејзината мајка.
Полицијата вели дека мајката знаела дека нејзината ќерка е бремена.
Секоја година во Индија се убиени стотици луѓе затоа што се заљубиле или се венчале против желбите на нивните семејства.