Резервната банка на Индија (RBI) им предложи на земјите од БРИКС да ги поврзат своите дигитални валути за да го олеснат прекуграничното тргување и плаќањата во туризмот, што би можело да ја намали зависноста од американскиот долар.
RBI ѝ препорача на индиската влада предлогот да биде вклучен во агендата на самитот на БРИКС во 2026 година, чиј домаќин ќе биде Индија, изјавија за Ројтерс два анонимни извори запознаени со ова прашање.
Доколку биде прифатен, тоа ќе биде првиот официјален предлог за поврзување на дигиталните валути меѓу членовите на блокот.
Предлогот на RBI следи по декларацијата усвоена на самитот на БРИКС во 2025 година во Рио де Жанеиро, која ја истакна потребата од поврзување на системите за плаќање на земјите-членки за да се направат прекуграничните плаќања побрзи и поефикасни.
Банката претходно изрази интерес за поврзување на дигиталната рупија на Индија со дигиталните валути на другите земји, но секогаш нагласуваше дека напорите не се насочени кон дедоларизација.
Дигиталната рупија, лансирана во декември 2022 година, досега има околу седум милиони корисници, додека Кина се стреми да ја прошири меѓународната употреба на својот дигитален јуан.
Изворите велат дека заедничките технолошки стандарди, јасните правила за управување и механизмите за решавање на трговските нерамнотежи, вклучително и можноста за користење на билатерални договори за размена на девизи меѓу централните банки, ќе бидат клучни за успехот на иницијативата.
Групата БРИКС ја сочинуваат Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка, со понови членови како што се Обединетите Арапски Емирати, Иран и Индонезија.
Иницијативата би можела да ги налути САД, кои претходно предупредија на обиди за заобиколување на доларот.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно го опиша БРИКС како „антиамерикански сојуз“ и се закани дека ќе воведе царини за неговите членови.