За неговите приврзаници, 49-годишниот Асанж стана симбол на борбата за слобода на информации. За неговата судбина ќе одлучува судијката Ванеса Берицер во судот „Олд Бејли“ во Лондон.
Без оглед каква одлука ќе биде донесена за тоа, ќе може да се поднесе жалба, така што судската битка во Велика Британија сигурно нема да заврши тука. Останува да видиме каков ќе биде односот на идниот американски претседател Џо Бајден кон основачот на Викиликс.
Инаку постапката покрената против Асанж беше под претседателство на Доналд Трамп. За време на претходникот на Трамп, Барак Обама, чиј потпретседател беше Бајден, американските судови се откажаа од гонење на Асанж. Сепак, пред 10 години, Бајден го спореди Асанж со „висок технолошки терорист“. Адвокатката Стела Морис, со која Асанж има две деца, во интервју за германскиот весник „Шпигел“ во неделата пак, изјави дека никој од неговите адвокати не се појавил во високо-безбедносниот затвор Белмарш во Лондон, каде се наоѓа од март.
Таа рече дека одбраната на Асанж е „сериозно хендикепирана“. „Но, ситуацијата во затворот Белмарш не е ништо во споредба со условите во затворот на кој тој ќе биде подложен во САД доколку биде екстрадиран“, рече таа, оценувајќи дека Асанж тогаш ќе биде „закопан жив“. На 11 април 2019 година, основачот на Викиликс беше протеран од еквадорската амбасада во Лондон, каде се засолни во 2012 година, а британската полиција веднаш го уапси. САД побара екстрадиција на Асанж, кој се соочува со вкупно 18 точки од обвинението во САД, и се соочува со 175 години затвор доколку биде осуден за шпионажа и предавство за откривање тајни државни документи за американските воени и дипломатски активности, особено во Ирак и Авганистан.
Соединетите држави му замеруваат за загрозување на изворите на американските служби, за кои тој спори. Меѓу документите што ги објави, беше и видео на кое се гледа како цивили се убиени при пукање од американски борбен хеликоптер во Ирак во јули 2007 година, вклучително и двајца новинари на Ројтерс. Британскиот суд мора да одлучи дали барањето за екстрадиција на САД исполнува одредени законски критериуми и конкретно дали е непропорционално или неспоиво со човековите права. Кристин Храфншон, главна уредничка на Викиликс, за АФП изјави вчера дека е „скоро сигурно“ дека судот ќе донесе одлука против Асанж и ја осуди пристрасноста во постапката.
Во изјавата издадена викендов, тој оцени дека самиот факт дека овој случај е изнесен пред судот и дека трае толку долго претставува историски напад на високо ниво на слободата на изразување. За време на петнеделното судење во февруари и септември, адвокатите на Џулијан Асанж го осудија „политичкиот“ процес заснован на „лаги“.