Бројот на загинати во поплавите и одроните предизвикани од монсунските дождови во Непал се искачи на 148, соопштија денеска тамошните власти.
Обилните врнежи од дожд кои почнаа кон крајот на четвртокот го зафатија поголемиот дел од земјата, а особено обилни беа во источниот и централниот дел на земјата.
Портпаролот на непалската полиција Дан Бахадур Карки изјави дека најмалку 101 лице е повредено низ целата земја.
„Потрагата по исчезнатите се уште трае, а погодените семејства се преместени на безбедно. Веројатно ќе трае уште неколку дена“, рече тој.
Од саботата вечерта, тимовите за пребарување пронајдоа најмалку 35 тела во автобуси затрупани под земјиште околу Катманду. Непалската полиција соопшти дека се евакуирани вкупно 3.661 лице.
Повеќе од половина од жртвите се во главниот град Катманду и околните области.
Локалните медиуми јавуваат за најсилниот дожд во последните децении. Врнежите значително ја оштетија инфраструктурата, вклучувајќи патишта и мостови. Владата одлучи да ги затвори сите училишта на три дена.