Бугарија им забрани на Македонци да ја одбележат годишнината од Кресненското востание

од Илинка Илиоска
173 прегледи

Македонските организации во Бугарија, вклучувајќи го Македонскиот клуб за етничка толеранција, оваа година повторно се соочуваат со забрани за одбележување на Кресненското востание. Според Ангел Радонов, претседателот на клубот, тие доставиле известување до Општина Кресна за планираното полагање на цвеќе пред споменикот на Димитар Поп Георгиев Беровски, но добиле одговор дека на 20 октомври градот има други настани, што го спречува нивното чествување.

„Кметот на Кресна ни забрани. Поднесовме тужба во судот, но добивме одговор дека градот има настани на тој датум,“ вели Радонов.

„Мислат дека ќе објавиме востание и ќе објавиме независност, од тоа се плашат“, додаде тој.

Во своето објаснување, Георгиев навел дека чествувањето на Кресненското востание, кое во бугарската историографија се познава како Кресненско-разлошко востание, може да се смета за „антидржавно“ и противуставно, бидејќи е закана за територијалниот интегритет на Бугарија.

И покрај ова, Радонов истакнува дека тие немаат намера да се откажат, бидејќи нема кој да ги сопре.  Според него, ова е уште еден пример за тоа каква е „демократијата во Бугарија и во Европската Унија.“

Дополнително, македонските организации поднесоа тужба до Европскиот суд на правдата против Европската комисија заради дискриминацијата која ја доживуваат. Но, судот неодамна ја отфрли тужбата, што според Сашо Маневски, претседателот на Нов АСНОМ, е доказ дека дискриминацијата против Македонците во ЕУ е озаконета.

„ЕК и Судот за правда се ставаат на страната на Бугарија против кршењето на основните човекови права на Македонците“, истакна Маневски.

Овие настани се случуваат во период кога Советот на Европа бара од Бугарија да преземе мерки за спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права, кои вклучуваат олеснување на регистрацијата на македонските здруженија, што останува отворено прашање за многу Македонци во Бугарија.

Лани во Благоевград лани беше отворен, па затворен македонскиот клуб „Никола Вапцаров“.

Слични содржини