Цените на кафето и на какаото паднаа, расте загриженоста

од Milan1
39 прегледи

Цените на какаото и кафето нагло паднаа на светските пазари бидејќи трговците беa вознемирени од бранот американски царини, што ја подгрева загриженоста за побарувачката.

Американскиот претседател Доналд Трамп во средата го прогласи „Денот на ослободувањето“ со објавување на царини од 10 отсто за увозот од земјите ширум светот. Вашингтон планира и дополнителни „реципрочни“ царини, посочувајќи го недостатокот во трговијата со бројните трговски партнери.

Царинскиот бран ги потресе и светските пазари на стоки. Цената на какаото падна денеска на лондонската берза за 3,1 отсто во однос на затворањето на крајот на минатата недела, на 6.171 фунти за тон (7.907 долари).

Американските потрошувачи консумираат најмногу чоколадо во светот, а САД се и најголемиот светски увозник на преработени производи од какао, како што е путерот од какао. Вакви производи на американскиот пазар пристигнуваат од Европската унија, Малезија и Индонезија, кои сега ќе плаќаат царини од 20, 24, односно 32 отсто.

Царините би можеле да ја намалат американската побарувачка за чоколадо, но трговците забележуваат дека падот на цените на какаото донекаде ги ограничува стравувањата од можна намалена понуда. Во главната земјоделска сезона, која трае од 1 април до 30 септември, најголемиот светски производител, Брегот на Слоновата Коска, се очекува да ја забележи својата најлоша жетва во последните десет години.

Пад на побарувачката

Паднаа и цените на кафето, па кафето Арабика на берзата во петокот по пладне се тргуваше по цена од 3,7395 долари, за три отсто пониска отколку на затворањето на тргувањето во четвртокот.

Арабика падна за 0,6 отсто во понеделникот во споредба со затворањето во петокот, на 3,6335 долари. Накратко се намали на само 3.555 долари. Во петокот беше намалена за три отсто.

САД не наплаќаат царини за увоз на кафе од 18 век, а давачките ќе ги зголемат трошоците и дополнително ќе го отежнат работењето на американските увозници кои веќе се борат со екстремно високите цени на кафето, посочуваат трговците.

Од ноември 2024 година до март оваа година, цените на кафето Арабика се зголемија за дури 70 отсто поради лошата жетва во Бразил и другите големи производни региони.

Слични содржини