Цените на нафтата растат втора недела по ред

од Stefanija Kuzmanovska
235 прегледи

На светските берзи цените на нафтата пораснаа и минатата недела, по остриот пад во првата половина од годината, бидејќи и покрај забавувањето на економскиот раст, побарувачката за „црното злато“ се уште е релативно силна.

Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела се зголеми за 4,7 отсто, на 78,47 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапе за 4,5 отсто, на 73,86 долари.

Иако растот на најголемите светски економии забавува, а исто така и потрошувачката, побарувачката за „црното злато“ сепак е малку повисока од очекуваното.

Така, минатонеделните податоци на американската влада покажаа дека залихите на сурова нафта се намалија за 1,5 милиони барели во претходната недела во САД, поостро од очекуваното, што укажува на солидна побарувачка.

Од друга страна, понудата е ограничена. Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници сè уште го спроведуваат договорот за намалено производство оваа година, а Саудиска Арабија соопшти дека во јули ќе го намали производството за уште еден милион барели дневно.

Тоа значи дека производството на ОПЕК + е намалено за вкупно околу пет милиони барели дневно или околу пет отсто од светската побарувачка.

„Намалувањето на производството на ОПЕК + ќе ја заостри врската меѓу понудата и побарувачката на пазарот, така што во втората половина од годината може да дојде до недостиг на понуда, што би ги поддржало цените на нафтата“, пишуваат аналитичарите на „Морнингстар“ во својот осврт на состојбата на пазарот. .

Сепак, движењата на цените, се разбира, ќе зависат и од побарувачката. А побарувачката, според сите сметки, дополнително ќе ослабне.

Кинеската економија, најголемиот увозник на нафта во светот, не закрепнува толку брзо како што се очекуваше по укинувањето на рестриктивните мерки за ковид.

Западните економии, од друга страна, дополнително ќе ослабат бидејќи американската ФЕД и Европската централна банка најверојатно ќе продолжат да ги зголемуваат каматните стапки за да ја потиснат инфлацијата.

И покрај поскапувањето на нафтата две недели по ред, таа се уште е во минус во однос на почетокот на годината, за околу 8 отсто.

Слични содржини