Компанијата OpenAI воведува нов „Study Mode“ (режим за учење), наменет за подобро разбирање на сложени теми кај студентите.
Слично на Learning Mode кај Claude, кој Anthropic го претстави во април, Study Mode ќе му овозможи на ChatGPT да примени сократски пристап во разговорите. Наместо директно да одговара на прашања, четботот ќе се обиде да го води корисникот до неговото сопствено решение, започнувајќи со прашања што му овозможуваат на системот да ги прилагоди одговорите според целта и разбирањето на студентот.
Разговорите потоа ќе се одвиваат според т.н. „структура на скеле“, што значи дека ChatGPT ќе ги воведува информациите постепено, за да не го преоптовари корисникот со повеќе отколку што може да прими и усвои во моментот.
OpenAI објаснува дека Study Mode е развиен во соработка со наставници, научници и педагошки експерти. Наместо да се развива целосно нов модел, алатката се базира на сет на прилагодени системски инструкции.
„Овој пристап го избравме затоа што ни овозможува брзо учење од реални повратни информации од студентите и подобрување на искуството, дури и ако тоа доведе до понекогаш неконзистентно однесување и грешки во разговорот. Планираме ваквиот начин на однесување да го вклучиме директно во нашите главни модели, откако преку итеракација и повратни информации ќе научиме што функционира најдобро.“
Важно е да се напомене дека OpenAI не го ограничува Study Mode само за корисниците на ChatGPT Edu програмата. Всушност, компанијата најпрво ја воведува функцијата за пријавени корисници на Free, Plus, Pro и Team програмите, додека Edu корисниците ќе добијат пристап во „наредните неколку недели“.
Ќе биде интересно да се види колку студенти навистина ќе го користат Study Mode, бидејќи функцијата може лесно да се вклучи или исклучи. Како што неодамна беше објавено во статија на New York Magazine, мамeњето со помош на вештачка интелигенција е сериозен проблем на американските факултети.
OpenAI исто така наведува дека работи на тоа Study Mode да стане поинтересен и покорисен за студентите, истражувајќи подлабока персонализација, како и начини за поставување цели и следење на напредокот за време на учењето.