Четврти пат суспендиран ДУП-от за блокот 57А во Тетово, Општината чека министерско одобрение за нов

од Илинка Илиоска
2,6K прегледи

Советот на Општина Тетово денеска четврти пат изгласа суспензија за детален урбанистички план (ДУП) за урбан блок 57 (57А). Овој ДУП беше донесен во време на претходната градоначалничка, а се однесува на местото на Шумарско-индустрискиот комбинат (ШИК) „Јелак“ каде се предвидени да се градат дваесетина згради за домување и трговски центри. Ваква суспензија за овој блок беше направена во декември 2021 година, 31 март 2023 и 13 октомври 2023 година.

Според претседателот на Советот Бесар Дурмиши, Општина Тетово сè уште подготвува нов детален урбанистички план за оваа локација.

-За новиот план има направено јавна дебата во Советот. Поднесен е новиот ДУП во Министерството за транспорт, чекаме одлука и одобрување од нив, после пак новиот план да се обработи во Сектор за урбанизам и да донесеме одлука Советот да биде во сила, истакна Дурмиши.

Новиот ДУП за блокот беше претставен во октомври 2023 година, а Дурмиши тврди дека наместо 34.494 квадратни метри станбена површина, ќе има 28.500, како и дека со новиот план ќе има 3591 метри квадратни простор за зеленило и рекреација.

Слични содржини