Човечки останки пронајдени во куфери во Бристол припаѓаат на двајца мажи, кои се уште не се идентификувани, соопшти денеска полицијата. Откако вчера беа пронајдени посмртните останки, истрагата и потрагата по осомничениот ја презеде Скотланд Јард, пренесуваат британските медиуми.
Полицијата соопшти дека осомничениот маж, чии слики биле објавени, дошол од Лондон во Бристол, а злосторството се случило во западниот дел на британската престолнина.
Во средата вечерта, полициски службеници добиле пријави дека маж со куфер се однесува сомнително на мостот. За 10 минути безбедносните сили пристигнале на местото на настанот, но осомничениот веќе побегнал, оставајќи го куферот во близина. Набрзо потоа е пронајден вториот куфер, а кај двајцата се пронајдени останки на двајца мажи, пренесува Танјуг.