Човекот е најголемиот штетник, слонови умираат поради пластичниот отпад

од Milan1
20 прегледи

Еколозите и ветеринарите предупредија дека пластичниот отпад на отворена депонија во источна Шри Ланка е смртоносен за слоновите во регионот, откако уште два слона беа пронајдени мртви.

Околу 20 слонови умреле во последните осум години откако јаделе пластично ѓубре на депонија во селото Палакаду во округот Ампара, околу 210 километри источно од главниот град Коломбо. Испитувањата на мртвите слонови открија дека тие проголтале големи количини неразградлива пластика пронајдена на депонија.

Ветеринарите рекоа дека кај мртвите животни пронашле само полиетилен, обвивки за храна, пластика, други несварливи материјали и вода, и дека не можеле јасно да ја видат храната што слоновите нормално јадат.

Слоновите се почитувани животни во Шри Ланка, но тие се исто така и загрозени. Бројот на слонови во таа земја се намалил од околу 14.000 во 19 век на 6.000 во 2011 година.

Тие се многу ранливи на губење и деградација на нивното природно живеалиште. Многумина се приближуваат кон човечките населби во потрага по храна, а некои се убиени од ловокрадци или земјоделци, лути на штетата што им ја нанесуваат на нивните посеви.

Гладните слонови бараат отпад на депониите, консумирајќи пластика, како и остри предмети што им го оштетуваат дигестивниот систем.

Потоа слоновите престануваат да јадат и стануваат премногу слаби за да стојат на нозе. Кога тоа ќе се случи, тие не можат да консумираат храна или вода, што ја забрзува нивната смрт.

Во 2017 година, владата објави дека ќе рециклира ѓубре од одредени депонии и ќе постави електрични огради околу нив за да ги спречи слоновите да внесуваат пластика. Но, ниту една од овие мерки не е целосно спроведена.

Во зоните на дивиот свет во Шри Ланка има 54 депонии, а околу 300 слонови шетаат во нивна близина, објави Бета.

Слични содржини