Централната изборна комисија на Руската Федерација денеска го регистрираше Владимир Путин како кандидат за претседател на Русија на изборите закажани за 15 март 2024 година, пренесоа руските медиуми.
„На 29 во јануари 2024 година во 11:23 часот е регистриран кандидатот за претседател на Руската Федерација Владимир Владимирович Путин, роден 1952 година“, се вели во заклучокот усвоен на седницата на ЦИК, пренесува РИА Новости.
За функцијата шеф на државата во моментов се натпреваруваат 11 лица, а ЦИК на Русија претходно регистрираше тројца претседателски кандидати: Леонид Слуцки, Николај Харитонов и Владислав Даванков. Со оглед на тоа што сите тројца се претставници на парламентарни партии, не беше потребно да се собираат потписи за нивна регистрација како кандидати за изборите.
Кандидатите на вонпарламентарните политички партии Сергеј Малинковиќ, Борис Надеждин, Андреј Богданов, Сергеј Бабурин и Ирина Свиридова треба да поднесат најмалку 100.000 потписи до 31 јануари.
Лидерот на руските комунисти (КПРФ) Сергеј Малинкович денеска ги достави потписите до Централната изборна комисија. Независните кандидати Владимир Путин и Анатолиј Баташев мора да соберат и да достават најмалку 300.000 потписи. ЦИК на Руската Федерација ќе донесе одлука за регистрација на сите кандидати најдоцна до 10 февруари.