ЦИВИЛ бара да се сопре насилството и национализмот: Кој даде „амин за јуриш“?

од Симе Стоиков

ЦИВИЛ најостро ги осудува ширењето на етничката омраза и повиците на насилство кои навивачките групи ги промовираат континуирано и со години. Конкретно, повод за оваа остра осуда е најновиот инцидент каде што две момчиња од населба Сингелиќ (Ченто) се брутално претепани од навивачката група „Комити”. Девет дена пред физичкиот напад, „Комити Ченто” најавија дека „Ченто е подготвено, и се чека знак за јуриш!”.

Се поставува прашањето кој и зошто во време на изборна кампања даде „амин” за јуриш!? Јасно е како ден дека насилството и омразата по етничка и верска линија се најефикасните и најевтините инвестиции во политичката кариера на добро познати ликови. Радикалните структури во земјава непречено и неказниво шират омраза по етнички, верски и политички основи.

Институциите итно, решително и конечно да се справат и да ги санкционираат сите групи и поединци кои шират омраза и повикуваат на насилство. Овој повик ЦИВИЛ постојано го упатува со години наназад, без оглед на тоа од која страна доаѓа.

Општество во кое одредени групи постојано повикуваат и вршат насилство врз граѓаните, не може да биде здраво. Постојаните повици за екстремно насилство од одредени групи се последица од воспоставената неказнивост, која мора веднаш да престане и да бидат санкционирани сите инволвирани лица, од нарачатели до извршители!

ЦИВИЛ се залага за општество во кое владее слободата, еднаквоста и правдата, општество во кое граѓанките и граѓаните се чувствуваат безбедни и имаат доверба во институциите, каде што безбедноста, слободата на движењето и слободата на изразувањето се гарантираат со закон и со ефикасно функционирање на системот.

Слични содржини