Дали автомобилите стануваат „потрошна стока“? Производството поевтинува, но секој судир може да значи тотална штета

од Vladimir Zorba
45 прегледи

Автомобилската индустрија влегува во нова фаза која носи револуционерни промени, не само во однос на погонските системи, туку и во самиот производствен процес. Електричните автомобили, кои стануваат се попопуларни поради намалувањето на емисијата на CO2, се соочуваат со предизвици кога се во прашање високите трошоци за производство, а решението на овој проблем води кон нови методи во изградбата на каросеријата.

Електричните автомобили се поскапи за производство од конвенционалните, главно поради високата цена на батериите, па затоа производителите, на чело со Tesla, бараат начини да ги намалат трошоците. Еден од клучните чекори во овој процес е примената на иновативната технологија за лиење на големи делови од телото во еден чекор, позната како „гига лиење“.

Револуција во производството на каросеријата

Традиционално, каросеријата на автомобилот се состои од стотици поединечни делови кои се споени со различни техники, како што се заварување и лепење. Овој процес може да трае со часови. Спротивно на тоа, новата технологија овозможува производство на големи делови од телото во едно движење. Tesla, која ја предводи примената на овој метод, користи алуминиумска легура која се пресува во калапи под висок притисок, со што се намалува времето на производство и трошоците.

Легурата од алуминиум, која се состои од 89,5% алуминиум, 8,5% силициум и помали количини други метали, се истура во калапи со брзина од 10 метри во секунда под притисок еквивалентен на маса од 9.000 тони. Благодарение на овој процес, Tesla може да произведува околу 1.000 делови дневно.

Toyota и Nissan исто така ја истражуваат оваа технологија, надевајќи се дека ќе го намалат времето за производство на автомобили за дури 50% и ќе ги намалат трошоците за околу 30%. Овој процес не само што го забрзува производството на автомобили, туку на производителите им овозможува и поекономични решенија, додека вака изработените каросерии се карактеризираат со помала тежина и поголема цврстина.

Проблем со поправки и осигурување

Иако технологијата на „гига-лиење“ носи многу предности во однос на производството, големите делови од телото направени во едно парче може да бидат проблем за поправки. На пример, дури и помал судир, за кој претходно требаше само да се замени оштетениот дел, сега може да значи целосно оштетување на возилото.

Осигурителните компании се уште немаат дефинирано како ќе се справат со вакви ситуации, но постои можност премиите за осигурување на возилата произведени со оваа технологија да бидат значително повисоки. Ако секој помал судир може да резултира со големи трошоци, сопствениците на автомобили може да се соочат со зголемување на нивните месечни трошоци за осигурување.

Слични содржини