И додека делта сојот на коронавирусот се шири низ целиот свет, експертите се прашуваат дали желбата да се создаде колективен имунитет преку вакцинација е се уште остварлива. Таквиот имунитет се постигнува во време кога одреден дел од населението е вакцинирано против патоген или ја надминало инфекцијата.
Дали е ова можно да се постигне кога станува збор за Ковид-19 поради постојаното појавување на повеќе заразни варијанти, е отворено прашање.
„Ако прашањето е дали ќе ја контролираме пандемијата само преку вакцинација, одговорот е не“, рече францускиот епидемиолог Мирчеа Софоне, професор на Универзитетот во Монпелје.
Тој вели дека колективниот имунитет зависи од два основни фактори.
„Ова се заразноста на вирусот и ефективноста на вакцината за заштита од инфекција. Во моментов, нема таква ефикасност“.
Делта сојот е приближно 60 проценти повеќе пренослив од алфа сојот и двојно повеќе заразен од оригиналниот сој што се појави кон крајот на 2019 година.
Колку е поефикасен вирусот во ширењето на инфекцијата, толку е повисок прагот за колективен имунитет.
„Теоретски, тоа е многу едноставна математика“, вели епидемиологот Антоан Флахо, директор на Францускиот институт за јавно здравје.
Оригиналниот сој на коронавирус имаше стапка на репродукција помеѓу нула и три, што значи дека едно заразено лице може да зарази до три други. Да останеше така, колективниот имунитет ќе беше постигнат по вакцинација на 66 проценти од луѓето, рече Флахо.
„Но, ако стапката на репродукција е осум, како кај делта сојот, тоа не приближува до 90 проценти“, објасни тој.