Дали ова е злокобниот таен план на Кремљ за спасување на Виктор Орбан?

Кремљ започна координирана кампања за дезинформации за да ја зајакне позицијата на унгарскиот премиер Виктор Орбан пред парламентарните избори следниот месец, според извори запознаени со планот, според „Фајненшл тајмс“.

од Кристијан Димков
12 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/ДВ

Според наводите, администрацијата на рускиот претседател Владимир Путин одобрила план од „Social Design Agency“, медиумска консултантска компанија поврзана со Кремљ и која се наоѓа под западни санкции. Целта наводно е да се помогне на партијата Фидес на Орбан со преплавување на социјалните мрежи со пораки дизајнирани во Русија, но објавени од влијателни унгарски корисници односно инфлуенсери.

Документот подготвен од агенцијата за Кремљ кон крајот на минатата година, а виден од „Фајненшл тајмс“, го предвидува прикажување на Орбан како единствен политичар кој може да го зачува унгарскиот суверенитет и да зборува рамноправно со светските лидери.

Планот го опишува Орбан како „силен лидер со глобални пријатели“, додека неговиот главен политички ривал Петер Маѓар е прикажан како „кукла на Брисел без меѓународна поддршка“.

Пред изборите закажани за 12 април, Маѓар се профилираше како најсериозен предизвикувач на долгогодишното владеење на Виктор Орбан, кој е познат по своите блиски врски со Москва и честите судири со институциите на Европската Унија.

Според наводниот план, се очекува кампањата да вклучува и „информативни напади“ врз Маѓар и неговата партија Тиса, која на некои анкети моментално е во предност. Стратегијата предвидува прикажување на Тиса како политичка опција обележана со „неспособност, поделби и скриени агенди“, а воедно да се истакнат контроверзиите околу поединечните членови на партијата.

Независниот медиум VSquare минатиот викенд објави дека тројца офицери од руската воена разузнавачка служба ГРУ се распоредени во руската амбасада во Будимпешта. Потоа Маѓар повика на нивно протерување изјавувајќи „Руси, одете си дома“, алудирајќи на слоганот од антикомунистичкиот бунт од 1956 година.

Според изворите на „Фајненшл тајмс“, руските оперативци би можеле да дејствуваат под водство на Сергеј Кириенко, заменик-шеф на кабинетот на Путин, кој претходно координирал слични информативни операции во други земји.

Наводната руска кампања доаѓа во време кога Орбан дополнително ги затегнува односите со Украина. Спорот избувна откако Киев одби да го поправи нафтоводот преку кој руската нафта стигнува до Централна Европа преку Украина, кој беше оштетен во руски воздушен напад.

Како одговор, Орбан го блокираше заемот од 90 милијарди евра од Европската Унија за Украина и најави вето на сите европски иницијативи што би му користеле на Киев.

Во исто време, кампањата против украинското и европското раководство беше засилена. Во Будимпешта се поставени постери на кои европските пари симболично се „фрлаат во златната тоалетна школка“, а видеа генерирани од ВИ на кои се прикажани наводни унгарски војници убиени на украинското бојно поле, исто така, циркулираат на социјалните мрежи.

„Social Design Agency“ веќе беше под западни санкции претходно. Во 2024 година, САД, Велика Британија и други западни земји ја ставија на списокот со санкции за водење на голема онлајн операција позната како „Doppelgänger“, која објавуваше лажни вести и „deepfake“ содржина насочена кон ширење на антиукраински пораки.

За разлика од таа операција, планираната кампања во Унгарија е дизајнирана да изгледа како локална иницијатива. Мемиња, инфографици, видеа и текстови направени во Русија прилагодени се унгарскиот контекст а би биле објавување од домашни инфлуенсери.

Според документот, агенцијата од февруари ги анализирала извештаите на унгарските медиуми и тинк-тенкови за да пронајде теми кои би можеле да поттикнат политички поделби. Целта била да се регрутираат околу 50 поддржувачи на Орбан и околу 30 опозиционери кои несвесно ќе ја шират содржината.

Во последните денови, на унгарските социјални медиуми забележано е и  нагло зголемување на антиукраинските пораки.

На пример, веста за наводното апсење на украински граѓани кои, според тврдењата транспортирале пари и злато – кои подоцна беа ослободени – беше придружена со лажни фотографии од осомничените и запленетиот плен на порталот Ripost.hu, таблоид близок до Орбан. Објавата на Фејсбук доби околу 130.000 реакции за само неколку дена, од кои голем број беа од странство, што е невообичаено за унгарските социјални медиуми.

Рускиот амбасадор во Будимпешта, Евгениј Станиславов, ги отфрли обвинувањата за мешање во изборите. „Русија само сака да се осигура дека нормалните билатерални односи ќе продолжат и ќе се развиваат за заедничка корист“, рече тој.

Унгарската влада, исто така, негираше какво било руско мешање, нарекувајќи ги обвинувањата „левичарска измислица“ и обид да се одвлече вниманието од тоа што тие го нарекуваат, притисок кој го врши украинскиот претседател Володимир Зеленски врз Орбан.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, исто така, ги отфрли обвинувањата, велејќи дека заклучоците за руската вмешаност најверојатно се „засновани на лажни информации“.