Вчера се појавија снимки од огромна експлозија некаде на истокот на Украина. Како што пишува Њузивик, тоа би можело да биде руски термобаричен ракетен систем со повеќе цевки.
Видеото го објави белоруската агенција Некста, а на неа се гледа, според светските медиуми, уништувањето на рускиот систем ТОС-1 или ТОС-1А во Донбас.
Иако Русите го користеле ова оружје и претходно, ова би било доказ дека тие сè уште го користат. Како што пишува Си-Ен-Ен, тоа е оружје што е забрането со Женевската конвенција поради неговата особена бруталност.
Russian TOS-1 "Solntsevyok" detonated near #Vuhledar on Valentine's Day. pic.twitter.com/UHYTUMY0oq
— NEXTA (@nexta_tv) February 15, 2023
Имено, ова оружје има способност да го вшмукува целиот воздух во прилично голем радиус. На луѓето кои случајно се наоѓаат во близина, воздухот буквално им е исцицан од белите дробови. Тоа е оружје кое има цел и способност да убие што е можно повеќе луѓе на мал простор.
Ова оружје работи така што го детонира првото полнење за да го отвори одделот за гориво и да го растера горивото како облак кој може да навлезе во секоја зграда, бункер или тунел што не е херметички затворен, пренесува Index.hr.
Второто полнење потоа го активира и произведува голема огнена топка. Детонацијата вшмукува кислород од околниот воздух за да произведе експлозија на екстремно висока температура, која потоа обично произведува бранови на експлозија со значително подолго траење од детонацијата на конвенционалните бомби.
Експлозијата на вакуумската бомба може да ги претвори погодените тела на жртвите во пареа, напиша Ројтерс. Ова оружје може да уништи неколку градски области во еден удар.
Русите веќе користеле ваков вид оружје во Чеченија, а своевремено се пишувало дека можат да го користат и во Сирија.
Неколку дена по почетокот на руската инвазија, Украина ја обвини Русија за употреба на забранета термобарична бомба.
„Денес употребија вакуумска бомба, што всушност е забрането со Женевската конвенција“, рече тогаш Оксана Маркарова, амбасадорка на Украина во САД. Во март, Британците тврдеа дека Русите ја признале употребата на ракетните системи ТОС-1.