Германскиот министер за финансии Кристијан Линднер има намера да ги неутрализира ефектите од високата инфлација и да им олесни на даночните обврзници за 23 милијарди евра во наредните години. Сепак, коалициските партнери имаат забелешки на планот, јавува ДПА.
Во средата во Берлин, Линднер рече дека до 2026 година планира да ги прилагоди даноците на платите и приходите во три чекори.
Ова ќе компензира за еден вид зголемување на даноците, што се случува кога инфлацијата целосно го „јаде“ зголемувањето на платите, бидејќи ова зголемување со себе носи и повисок данок.
Според плановите на Линднер, во Германија годинава ретроактивно од 1 јануари неоданочливиот дел од платите и приходите ќе се зголеми за 180 евра, на 11.784 евра. До оваа сума нема да се плаќаат даноци, што ќе ги растерети граѓаните за околу две милијарди евра.
Од јануари наредната година неоданочениот дел се зголемува за нови 300 евра на 12.084. Дополнително, ќе се помести и основицата на данокот на доход, па за нешто повисоките приходи ќе важат повисоки даноци од денешните.
Тоа значи дополнително олеснување од осум милијарди евра. Во 2026 година се планира уште едно зголемување на неоданочливиот дел од платите и приходите.
Меѓутоа, во владејачката коалиција, во која покрај либералната ФДП на Линднер, се и социјалдемократската СПД и Зелените, неговите планови наидоа на критики.
„Предлозите што ќе ги чинат федерациите на земјата и локалните власти милијарди евра во двоцифрена сума, а кои главно ќе ги растеретат најбогатите во земјата, не се соодветни за ова време“, рече функционерот на Зелените, Андреас Одретч за ДПА.