Граѓани на Данска иницираа петиција за купување на најнаселената и економски најразвиена американска сојузна држава, Калифорнија, како одговор на напорите на актуелниот претседател на САД, Доналд Трамп, за купување на Гренланд, пишува лондонски „Индипендент“.
Трамп во последно време ги интензивираше повиците за откуп на автономната данска територија поради „националната безбедност“, иако и премиерот на Данска и премиерот на Гренланд јасно порачаа дека арктичкиот остров не е на продажба.
Ветувајќи дека „Ќе ја направат Калифорнија повторно голема“, Данците покренаа иронична кампања за „данскофикација“ на петтата најголема економија во светот. Петицијата, која наводно има за цел да собере еден билион долари преку донирање од граѓаните за купување на „Златната држава“, до денеска попладне веќе имаше над 200.000 потписи.
Оваа иницијатива доаѓа во период кога државната секретарка на Калифорнија, Ширли Вебстер, одобри почеток на собирање потписи за организирање референдум во 2028 година за отцепување на државата од САД и нејзино прогласување за независна земја.
Според организаторите на оваа пародична кампања, Калифорнија би се преименувала во „Нова Данска“, а познатиот забавен парк Дизниленд би бил ребрендиран во „Земјата на Ханс Кристијан Андерсен“.
Во петицијата се наведуваат и некои „придобивки“ од евентуалното купување на Калифорнија од страна на Данска, меѓу кои „технолошка доминација“.
„Дали некогаш сте погледнале на мапа и си помислиле: ‘Што и недостасува на Данска? Повеќе сонце, палми и ролери!’“, се наведува на веб-страницата на кампањата. „Сега имаме единствена можност овој сон да го претвориме во реалност“.
За преговори за договорот би биле ангажирани претставници од компанијата ЛЕГО и актерската екипа на политичката серија „Борген“, а како дополнителен „бонус“ би се нудел доживотен бесплатен пристап до дански пецива.
На дното од страницата е објавено и известување: „Оваа кампања е 100% вистинита… во нашите соништа“.