Данската премиерка Фредериксен во Лавов се сретна со Зеленски

од Radmila Tasevska
235 прегледи

Данската премиерка Мете Фредериксен денеска се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски во западниот украински град Лавов, ден пред втората годишнина од руската инвазија.

Таа и Зеленски ги посетија гробиштата и им оддадоа почит на загинатите војници, соопшти кабинетот на украинскиот претседател.

„Никогаш нема да ги заборавиме хероите кои ја бранеа нашата независност, слобода и иднина“, напиша Зеленски на „Икс“.

Данска, членка на НАТО и ЕУ, дава силна поддршка на Украина и е една од земјите што дава најголема воена поддршка на Киев, во споредба со големината на нејзината економија.

Данска вчера објави пакет воена помош во вредност од 247,4 милиони американски долари и ги повика сојузниците да ја зголемат помошта за Украина за да ја добие војната против Русија.

Вкупната помош на Данска за Украина од почетокот на руската инвазија пред две години се зголеми на 33,3 милијарди дански круни или 4,84 милијарди американски долари.

Слични содржини