Дебата во Германија: Велики петок без музика, танц и филмови

од Љубиша Владимиров
114 прегледи

Како и секоја година, во Германија на Велики петок повторно се разгорува дебатата околу тоа дали забраните поврзани со овој ден, како што е забраната за танцување на јавни места, сè уште се соодветни за современото време, пренесува ХИНА.

„Сметам дека е правилно да се почитува мирот на овој ден. Не мислам дека е преголема жртва да се воздржите од слушање гласна музика и танцување само еден ден“, изјави социологот за религија, Детлеф Полак, од Универзитетот во Минстер, во интервју за новинската агенција ДПА.

Според него, дури и во време кога сè повеќе граѓани ја напуштаат црквата, соодветно е да се почитуваат овие правила од почит кон другите. Истражувањата покажуваат дека верниците кои припаѓаат на католичката или протестантската црква, со околу 40 милиони членови, сега претставуваат малцинство во Германија, која има приближно 83 милиони жители. Велики петок се вбројува во таканаречени тивки празници кога, од почит, не е дозволено емитување гласна музика, организирање танцувачки настани, како и многу други активности кои го нарушуваат мирот и тишината. Сепак, што е дозволено, а што не, одлучува секоја сојузна покраина поединечно.

На пример, забраната за танцување е најкратка во Берлин и Бремен, каде што истекува вечерта на Велики петок, токму пред да се отворат вратите на поголемите клубови. Во сојузните држави со мнозинско католичко население, како Баварија и Баден-Виртемберг, забраната за танцување и музички настани трае од Велики четврток до Велигден. Во тој период дури не ѕвонат ни црковните ѕвона, а забранети се и секојдневни бучни активности како косење трева или гласна работа во домот, слично како вообичаените важечки неделни правила.

Во некои покраини постојат и списоци на филмови што не смеат да се прикажуваат во кина за време на тивките празници. Веќе со години, култната комедија „Животот на Брајан“ од британската хумористична група Монти Пајтон е на врвот на таа црна листа, поради сатиричното прикажување на животот на Исус Христос. Казните за непочитување на правилата варираат од држава до држава. Во Баварија, тие можат да достигнат и до 10.000 евра, додека најниски се во Саксонија-Анхалт, каде максималната казна е 1.500 евра.

Организации за заштита на секуларниот живот, како и бројни сопственици на клубови, со години се спротивставуваат на овие забрани, тврдејќи дека тие се во судир со основните демократски и културни слободи.

„Не сакам црквата да ми диктира кога можам да танцувам, а кога не“, изјави Томас Филимонова, сопственик на клубот LKA Longhorn во Штутгарт, за јавниот радиодифузен сервис SWR.

Слични ставови имаат и здруженијата на сопственици на клубови. Влијателната Берлинска комисија за клубови смета дека забраните за танцување претставуваат „несоодветно ограничување на загарантираната слобода на културните институции“.

Сепак, државниот министер за внатрешни работи, Томас Штробл од Христијанско-демократската унија (ЦДУ), смета дека забраните се сè уште соодветни.

„Велики петок е свет ден. Тоа е единствениот ден со забрана за забавни настани, што е соодветно за овој тажен празник“, изјави Штробл.

Слични содржини