Водачите на протестното движење во Шри Ланка, кои ги избркаа претседателот и премиерот од нивните официјални резиденции, рекоа дека ќе останат во нив додека двајцата не ги напуштат своите позиции.
Демонстрантите тврдат дека упаднале во резиденцијата поради економската криза во земјата и дека „откриле голема сума пари во замокот“. Откриените пари се предадени на безбедносните сили.
Тие велат дека нема да попуштат додека претседателот на Шри Ланка Готабаја Рајапакса и премиерот Ранил Викрамасинге не поднесат оставки.
„Претседателот мора да поднесе оставка, премиерот мора да поднесе оставка и владата мора да си замине“, рече драматургот Рувантид Чикера на прес-конференција на местото на протестот, по што следеа други водачи кои помагаат во координирањето на антивладиното движење.
Демонстрантите вчера влегоа и пливаа во базенот на резиденцијата на претседателот на Шри Ланка, јадеа во кујната и преспаа во неговите соби, а видео снимките од тоа беа споделени на Интернет.
По насилните протести во кои демонстрантите упаднаа во официјалната претседателска резиденција, Готабаја Рајапакса одлучи да поднесе оставка на 13 јули.
Претседателот на парламентот Махинда Јапа Абејвардена во видео изјава за јавноста потврди дека Раџапакса го информирал за неговата одлука да се повлече од претседателската функција за да обезбеди мирно предавање на власта.
Демонстрантите влегоа и во резиденцијата на премиерот Ранил Викрамасинге, која подоцна ја запалија, поради што денеска беа уапсени три лица.
Викрамасинге вчера потврди дека ќе поднесе оставка. Тој на Твитер објави дека заради безбедноста на сите граѓани ја прифаќа препораката на партиските лидери да се овозможи работа на влада составена од претставници на сите партии.
Тој исто така рече дека Шри Ланка е тешко погодена од најтешката криза во модерната историја.
Началникот на армијата на Шри Ланка, генерал Шавендра Силва, рече дека сега е можност мирно да се реши актуелната политичка криза и побара поддршка од народот за одржување на мирот во островската држава.
Протестите предизвикани од финансиската и економската криза во Шри Ланка избија на почетокот на април годинава.
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), кој е во преговори со владата на Шри Ланка за можна финансиска помош од 3 милијарди долари, соопшти дека внимателно го следи развојот на настаните.
Тој најави дека се надева на враќање на мирот во земјава, што ќе овозможи обновување на преговорите за пакетот за заем за таа земја.