Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска – Давкова за денес во 18 часот, во Вилата Водно, свика седница на Советот на Безбедност, највисокото советодавно тело во државата задолжено за разгледување прашања од областа на безбедноста и одбраната и за давање препораки до Собранието и Владата. Во составот на Советот членуваат и Африм Гаши, Христијан Мицкоски, Панче Тошковски, Владо Мисајловски, Тимчо Муцунски како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска-Јорданова и Владо Спиридонов.
Свикнувањето на Советот доаѓа во услови на сериозна ескалација на безбедносната состојба на Блискиот Исток, откако САД и Израел изведоа заедничка воена операција врз Иран. По нападите следуваа одмазнички дејства од страна на Техеран кон Израел и американските бази во регионот, при што, според официјалните информации, убиен е врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи.
Истовремено, Министерство за надворешни работи и надворешна трговија информира дека формиран е кризен штаб кој 24 часа дневно ја следи состојбата на Блискиот Исток обезбедува помош за македонските државјани. Оттаму апелираат граѓаните во погодените подрачја внимателно да ги следат официјалните известувања и да постапуваат согласно безбедносните протоколи, при што беше соопштено дека 11 македонски државјани преку дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив побарале евакуација од Израел.