Додека милиони Американци се мачат да ги задоволат основните потреби, анализа на „Оксфам“ открива дека 10-те најимотни Американци, и покрај падовите и растовите на пазарите на акции, добивале по милијарда долари дневно и нивното богатство колективно се зголемило за дополнителни 365 милијарди долари.
Оваа акумулација на богатство претставува прилив од приближно милијарда долари на ден за оваа избрана група милијардери, додека просечниот американски работник во 2023 година заработил нешто повеќе од 50.000 долари.
Овие податоци се појавуваат во момент кога републиканците дискутираат за закон за кој непристрасните експерти тврдат дека дополнително ќе ги обогати богатите и ќе скрати речиси трилион долари од финансирањето на виталните социјални програми.
“Богатството на милијардерите се зголеми до небо, додека многу обични луѓе се борат да преживеат”, изјави директорката за економска и расна правда на „Оксфам Америка“, Ребека Ридел, во извештајот.
За да ги одреди придобивките на најбогатите, „Оксфам“ во реално време ги измери промените во богатството на првите 10 на листата на милијардери на „Форбс“ меѓу крајот на април минатата година и крајот на април годинава. Елон Маск, најбогатиот човек на планетата, е заслужен за нешто повеќе од половина од вкупното зголемување на богатството, бидејќи за тој период заработи 186,1 милијарди долари. Нето вредноста на сопственикот на „Мета“, Марк Закерберг, и наследникот на „Волмарт“, Роб Волтон, се зголеми за 38,7 милијарди долари.
Инвеститорот Ворен Бафет заработи дополнителни 34,8 милијарди долари, додека наследникот на Волмарт, Џим Волтон, заработи 36,5 милијарди долари. Некои милијардери, како коосновачите на Гугл, Лари Пејџ и Сергеј Брин, во тој период изгубиле дел од своето богатство.
Оксфам тврди дека републиканскиот закон, за кој Доналд Трамп рече дека е негов приоритет, дополнително ќе им наштети на обичните луѓе, а ќе им користи на најбогатите. Според Оксфам, данок од само три проценти на богатство над милијарда долари би обезбедил 50 милијарди долари само од 10-те најбогати Американци, доволно за да се обезбеди помош во храна за 22,5 милиони луѓе за една година.
Други, пак, тврдат дека данокот на богатство би бил многу предизвикувачки, делумно затоа што може да биде тешко да се процени нето вредноста што ја има некој, а некои правни експерти се прашуваат дали данокот на богатство би бил уставен.