Компанијата „Блу Ориџин”, сопственост на милијардерот Џеф Безос, соопшти дека планира да развие комерцијална вселенска станица што ја нарече „Орбитален гребен”, во која ќе учествива и американската компанија „Боинг”. Во соопштението од компанијата се наведува дека целта е орбиталната станица да се лансира во втората половина на оваа деценија.
Вселенската станица „Орбитален гребен” ќе се користи како „деловен парк со различна намена”, а проектот планира да обезбеди инфраструктура потребна за зајакнување на економската активност и отворање на нови пазари во вселената.
„Искусни вселенски агенции, високотехнолошки конзорциуми, суверени држави без вселенски програми, медиуми и туристички компании, претприемачи, спонзорирани пронаоѓачи и инвеститори кои размислуваат за иднината – сите имаат место на Орбиталниот гребен”, се наведува во соопштението на компанијата.