На работната средба која се одржа денес, директорите на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Сашо Клековски и Бранко Аџигогов, се сретнаа со директорите на јавните здравствени установи, клиничките центри и болниците, со цел да се дискутира за решавање на проблемите со големите долгови во јавните здравствени установи и нивната финансиска консолидација.
Главната тема на состанокот беше како да се консолидираат јавните здравствени установи, пред сѐ, финансиски, и како да се подобри нивното работење. Директорите на Фондот информираа дека веќе се преземаат мерки за финансиска консолидација на овие установи и дека во ребалансот на Буџетот се планирани средства наменети за клиниките и болниците. Од директорите на јавните здравствени установи беше побарано да направат финансиски пресеци, ревизии и контроли каде што е потребно, како и да ги ревидираат договорните буџети и проекции до крајот на годината.
На состанокот беше констатирано дека долговите во првото полугодие се зголемени за 20 проценти поради лошо планираните буџети и недомаќинско работење. Со заедничка заложба и подобра контрола на средствата, се заклучи дека може да се постигнат навремени и подобри здравствени услуги за пациентите. Директорите беа повикани на навремено и аргументирано планирање на буџетите за следната година, со цел подобрување на ефикасноста на здравствените услуги.
Планирано е ваквите средби да продолжат редовно на секои три месеци, а ќе се организираат и во другите региони.