Вршителката на должноста генерален директор на Јавната телевизија на Косово (РТК), Зана Спахиу, поднесе оставка, што ќе стапи на сила на 30 јули, пренесе Бета.
Спахиу поднесе оставка неколку дена откако РТК и РТК Лајв пренесоа дел од текст на босанскиот портал „Слободна Босна“ во кој се наведува дека одредени медиуми во балканскиот регион се финансирани од режимот во Белград.
Во написот се споменуваат и два косовски портала „Национале“ и „Перископ“.
Во Косово имаше реакција на овој текст, пред се поради тоа што РТК емитуваше дел од текстот, а потоа го споделија членови на Владата.
Опозициските партии во Косово објавија дека медиумите „се претвориле во алатка на обичниот интерес на владата“, додека невладините организации и активисти на Косово бараат смена на Управниот одбор и раководството на РТК.
Текстот кој беше објавен на веб-страницата на РТК Лајв, потоа го споделија пратениците и активистите на Самоопределување.
Каков портал е „Слободна Босна“?
Боро Контиќ, новинар ветеран од Босна и Херцеговина и директор на Медиа центарот во Сараево, за Радио Слободна Европа објаснува дека „Слободна Босна“ е медиум основан во 1989-1990 година од Сенад Авдиќ.
Според него, Авдиќ бил еден од најдобрите новинари во тоа време, а „Слободна Босна“ еден од главните доверливи медиуми кои одиграле „револуционерна улога“ во 1990-тите во разоткривањето на планот за опкружување на Сараево од страна на југословенската армија.
За многумина тоа беше изненадување, но се покажа дека поголемиот дел од она што го објавија е вистина“, вели Контиќ.
Сепак, тој рече дека не знае дали може повеќе да зборува за доверливост, бидејќи овој портал претрпе одредени промени. Во средината на 1990-тите, овој медиум се претвори во неделен весник, а во последните 15 години беше само онлајн.
„Во еден момент многу се зборуваше дека тие биле поддржани од СДА [Партија за демократска акција], најголемата босанска партија. Не знам што се случува. Познавам некои од новинарите кои работат таму, тие се добри, професионални новинари. Затоа, тоа е медиум кој има големо минато, но што е денес, да бидам искрен, не знам“, рече меѓу другото Контиќ.