Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс вчера одговори на острите критики од неговиот братучед Нејт во врска со стратегијата за војната меѓу Русија и Украина, пишува „Фокс њуз“. Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела го суспендираше споделувањето разузнавачки информации и воената помош за Киев. Суспензијата уследи по расправија во Овалната соба.
Нејт Венс, кој со години волонтираше како борец за Украина против Русија, ја коментираше жестоката дебата меѓу актуелниот американски претседател Доналд Трамп, потпретседателот и украинскиот претседател Володимир Зеленски минатиот месец за францускиот весник „Фигаро“. Иако го смета својот братучед за добар и интелигентен човек, Нејт Венс го нарече инцидентот „заседа со апсолутно лоша намера“.
Да потсетиме, Нејт изјави дека е разочаран од ставот на неговиот братучед кон Украина. „Само затоа што сум ваше семејство не значи дека ќе стојам и ќе гледам како моите другари умираат поради вас“, рече Нејт во интервју за „Фигаро“.
„Русите нема да ја заборават нашата поддршка за Украина“
„Мислев дека ќе се задавам бидејќи Џ.Д ја оправда својата недоверба кон Зеленски со наводните извештаи што ги видел“, рече тој. Тој, исто така, се навредил кога Венс истакна дека украинскиот лидер треба да му се заблагодари на претседателот за обидот да стави крај на војната меѓу Русија и Украина.
„Доналд Трамп и мојот братучед јасно веруваат дека можат да го смират Владимир Путин. Тие грешат. Русите нема да ја заборават нашата поддршка за Украина. Ние сме корисни идиоти на Владимир Путин“, изјави Нејт Венс.
Тој додаде дека оставал пораки во канцеларијата на неговиот братучед на оваа тема, со оглед на неговото искуство на фронтот во Украина.
„Можев да му ја кажам вистината, без преправање, без личен интерес, но тој никогаш не се обиде да дознае повеќе“, рече тој.
Венс: Немам желба јавно да дебатирам за него
Нејт Венс даде слични коментари вчера во емисијата „Out Front“ на Ерин Бурнет на „CNN“ и повтори дека е изненаден од она што го видел во Овалната соба.
„Постои одредено ниво на пристојност што треба да се почитува и, знаете, не сум доволно наивен да мислам дека националните лидери не разговараат за работите зад затворени врати. Но, кога го правите тоа и кога јавно, на некој начин, исмевате некого до тој степен што мора да се брани… Беше навистина разочарувачки да се види тоа“, рече тој во изјава за „Fox News Digital“, потпретседателот Венс рече дека никогаш јавно не зборувал за службата на неговиот братучед затоа што не сакал дополнително да го загрози својот живот.
„Во врска со неговите критики, немам желба да дебатирам со него јавно, но чувствувам потреба да се осврнам на едно специфично прашање, а тоа е неговиот неуспешен обид да контактира со мене. Не разбирам зошто Нејт сметаше дека е потребно да контактира со мојата канцеларија во Сенатот, наместо со неговата мајка, татко или сестра, со кои редовно сум во контакт“, рече потпретседателот.