Џиновската панда Фу Бао пристигна во Кина

Пандата Фу Бао, позната како „најпознатата личност во Јужна Кореја“ или „Принцезата Фу“, е роденa на 20 јули 2020 година од Ле Бао и Аи Бао, двете панди што Кина ѝ ги изнајми на Јужна Кореја во 2016 година.

од Бети Божиноска
196 прегледи

Чартер лет со Фу Бао, првата природно родена панда во Јужна Кореја, безбедно слета во Ченгду, во југозападната кинеска провинција Сечуан, пренесе Кинеското меѓународно радио.

По царинската проверка на аеродромот, Фу Бао треба да биде пренесена во базата за џиновски панди „Шеншупинг“ во националниот природен резерват „Волонг“ во Сечуан на карантин.

Како што посочува Ли Гуо, заменик-директор на базата за џиновски панди „Шеншупинг“ при Кинескиот центар за зачувување и истражување на џиновски панди, базата е целосно подготвена да ја пречека пандата.

„Ќе одредиме кога да ја претставиме Фу Бао на јавноста врз основа на напредокот на нејзината адаптација. Судејќи според искуството, периодот на адаптација може да се движи од еден месец до осум месеци, па дури и подолго“, рече Ли.

Пандата Фу Бао, позната како „најпознатата личност во Јужна Кореја“ или „Принцезата Фу“, е роденa на 20 јули 2020 година од Ле Бао и Аи Бао, двете панди што Кина ѝ ги изнајми на Јужна Кореја во 2016 година. За четири години таа се здоби со огромна популарност во земјата и во светот.

Според условите на Програмата за соработка во истражувањето на џиновските панди, сите џиновски панди родени во странство мора да бидат вратени во Кина пред да наполнат четири години. Според Кинеското радио, џиновските панди обично стануваат сексуално зрели на околу 4 години.

Слични содржини