ДКСК препорача да се укине државното финансирање на партиите и да се казнуваат институциите што кријат податоци

од Илинка Илиоска
34 прегледи

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) денеска објави посебен извештај во кој се посочуваат значителни недостатоци во правната и административната рамка за финансирање на изборната кампања за изборите за пратеници во 2024 година. Извештајот открива бројни проблеми, вклучувајќи неусогласености во пријавувањето на донации и трошоци од политичките партии, како и недостатоци во системите за мониторинг и надзор, кои претставуваат ризик од корупција.

Во извештајот се истакнува дека помалку од половината од институциите не ги исполниле законските обврски за доставување на податоци за службените возила.

„Најзагрижувачки е фактот дека 826 институции воопшто не доставиле информации, од кои 10 се министерства. Ова претставува сериозен недостаток во исполнувањето на законските обврски и може да укаже на свесно прикривање на информации за избегнување на надзор. Недоставувањето на податоци од страна на голем број институции, вклучително и министерства, е особено проблематично бидејќи овие институции управуваат со значителни ресурси и јавни средства, што може да укаже на потенцијални злоупотреби, каде што службените возила се користат за лични или партиски цели, наместо за потреби на институцијата. Од аспект на превенција, оваа ситуација бара итна реакција. Потребно е да се зајакнат механизмите за надзор и контрола, како и да се воведат построги санкции за институциите кои не ги исполнуваат своите обврски во однос на доставување на информации. Исто така, треба да се разгледа можноста за автоматизирање на процесите за поднесување и обработка на овие податоци“, велат од ДКСК.

ДКСК исто така укажува дека од вкупната сума од 385.022.129 денари за финансирање на изборната кампања, 64% се средства од државниот буџет. Комисијата предвидува дека оваа државна поддршка на партиите може да создаде корупциски ризици и да влијае на уредувачката политика на медиумите. Препораката е државното финансирање да се прекине, а од Државната изборна комисија е констатирано дека е исплатено само 3% од вкупните средства за платено политичко рекламирање.

Во однос на донациите, ДКСК констатира дека процесот на пријавување е премногу сложен и неефикасен, што води до зголемени административни трошоци и одложувања.

„Неопходна е реформа на овие процеси за постигнување поголема ефикасност и намалување на можностите за корупција“, препорачуваат од Комисијата.

Извештајот исто така истакнува потреба од зајакнување на системите за мониторинг и надзор за да се осигура поголема транспарентност и отчетност во финансирањето на изборните кампањи. ДКСК препорачува воведување нови механизми за следење на финансиските текови и реорганизација на административните процеси.

Во контекст на постапките за изборите, ДКСК оформила 65 предмети за повреди на Изборниот законик и Законот за спречување на корупцијата, од кои 30 одлуки за запирања,15 одлуки за отфрлање и осум заклучоци поради слична содржина. Покренати се шест иницијативи за кривично гонење и четири иницијативи за утврдување на одговорност на службени лица.

На крајот, извештајот ДКСК констатира дека четири партии што учествувале на изборите немаат доставено вкупен финансиски извештај, додека значително мал број од фирмите кои вршат платено политичко рекламирање имаат доставено извештаи до ДКСК, со што, како што велат, се нарушува принципот на транспарентност на изборната кампања и се намалува довербата во целокупниот изборен процес, за што не се изречени санкции од страна на надлежните институции..

Целосниот извештај може да се види на овој ЛИНК.

Слични содржини