Разузнавачките служби на самопрогласената Народна милиција на ДНР имаат информации за пристигнување на полски платеници во зоната на таканаречените операции на украинските вооружени сили.
„Во реонот на населбата Попаснаја забележано е присуство на две вооружени групи до дваесет лица во мешана тактичка униформа“, изјави денеска заменик началникот на Народната милиција на ДНР, Едуард Басурин, а пренесува руската агенција „Тас“.
Според него, при дополнителното собирање разузнавачки информации било утврдено дека овие лица зборувале полски.
Тој додаде дека целта им е заедно со единиците на украинските сили да спроведат специјални селективни герилски и терористички акции, кои, како што нагласува, имаат за цел да ја онеспособат виталната и социјалната инфраструктура и да сеат страв кај локалното население.
ДНР верува дека платениците, пред офанзивата на украинската армија, ќе се обидат да „нанесат што е можно поголема штета на цивилните инфраструктурни објекти“ со цел да ја принудат републиката да преземе реципрочни мерки кои украинската страна ќе се обиде да ги искористи како изговор за започнување воени акции.