До 2045 година, роботите и вештачката интелигенција би можеле да ги направат повеќето човечки работни места застарени – и има многу малку време за подготовка за последиците, соопшти Адам Дор, директорот за истражување во тинк-тенкот „RethinkX“.
Во интервју за британски „The Guardian“, Дор предупреди дека технологијата напредува толку брзо што во рок од една генерација, машините ќе можат да ги извршуваат речиси сите работни места што ги работат луѓето денес – поевтино, поефикасно и со еднаков или поголем квалитет.
Повикувајќи се на историски примери за технолошки трансформации, тој ја спореди денешната работна сила со коњите во ерата на доаѓањето на автомобилот или со аналогните камери во ерата на дигиталната фотографија. „Ние сме коњите. Ние сме филмските камери“, рекол тој.
Дор и неговиот тим истражувачи документирале повеќе од 1.500 големи технолошки трансформации. Во повеќето случаи, рече тој, ако новата технологија добие дури и мал пазарен удел, таа наскоро би доминирала на пазарот – обично во рок од 15 до 20 години.
„Машините што можат да размислуваат се веќе меѓу нас, а нивните можности се шират од ден на ден без граници на повидок“, предупредил тој. „Немаме многу време за подготовка.“
Сепак, нагласи тој, не сите работни места се осудени на исчезнување. Дор верува дека одредени улоги , особено оние засновани на човечка поврзаност, доверба и етика, ќе продолжат да имаат место во општеството.
Тој ги наведе сексуалните работници, спортските тренери, политичарите и етичарите како примери за занимања што би можеле да ја преживеат технолошката револуција.
„Во некои области ќе остане ниша за човечкиот труд“, рече тој. „Проблемот е што едноставно нема доволно од тие занимања и професии за да се вработат четири милијарди луѓе“.
Дор верува дека претстојните превирања би можеле да резултираат или со масовна нееднаквост, или со она што тој го нарекува „супер-изобилство“ – општество каде што човечките потреби се задоволуваат без да се потпираат на традиционалниот труд. Но, реализацијата на таква иднина, посочува тој, бара смели чекори во редефинирањето на работата, вредностите и сопственоста.
„Ова би можело да биде едно од најневеројатните нешта што некогаш му се случиле на човештвото“, нагласува Дор, „но само ако сме подготвени“.
Неколку водечки истражувачи на вештачка интелигенција и лидери во технологијата ја делат загриженоста на Дор, иако нивните мислења за тоа кои работни места ќе преживеат се разликуваат.
Џефри Хинтон, честопати нарекуван „кум на вештачката интелигенција“, предупреди дека најзагрозените занимања се оние што вклучуваат секојдневна интелектуална работа. Во јунското издание на подкастот „The CEO Diary“, тој рече дека би се „плашел“ да работи во кол-центар или како правен помошник.
Хинтон верува дека практичните работни места, како што се оние на водоинсталатерите, засега се побезбедни, бидејќи, според него, ќе помине долго време пред вештачката интелигенција да го достигне нивото на човечката способност за физичка манипулација со предмети.
Во мај, Дарио Амодеи, извршен директор на „Anthropic“, изјави за „Axios“ дека половина од сите работни места на почетно ниво со бели јаки, вклучувајќи ги и оние во технологијата, финансиите, правото и консалтингот, би можеле да исчезнат во рок од пет години.
Но, некои не се согласуваат со тоа. Извршниот директор на „Nvidia“, Јенсен Хуанг, и водечкиот научник на „Meta“, Јан ЛеКун, тврдат дека вештачката интелигенција нема да ги елиминира работните места, туку ќе ги трансформира.
Сем Алтман, извршен директор на „OpenAI“, исто така призна дека вештачката интелигенција ќе ги замени многу постоечки работни места, но верува дека ќе се појават нови – иако може да изгледаат „поглупави и поглупави“.
„Секогаш сме биле многу добри во смислувањето нови работи што можеме да ги правиме“, рече тој.
Економистот од „MIT“, Дејвид Автор, има попесимистички став. Тој верува дека вештачката интелигенција можеби нема целосно да ги уништи работните места, но би можела да ги обезвредни човечките вештини до таков степен што би можела да се појави економија на „Лудиот Макс“, во која маси луѓе се борат за сè поголем број вредни и релевантни работни места.