Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека Русија официјално ги предупредила балтичките земји, тврдејќи дека ѝ овозможиле на Украина да го користи нивниот воздушен простор за напади врз руски пристаништа.
„На тие држави им е упатено соодветно предупредување. Ако нивните режими имаат барем малку разум, ќе го земат предвид. Во спротивно, ќе мора да ги сносат последиците“, изјави Захарова, според руските медиуми.
Слични пораки претходно упати и портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, дополнително заострувајќи ја реториката меѓу Москва и државите во источна Европа. Балтичките земји ги отфрлаат обвинувањата.
Обвинувањата доаѓаат по инциденти во кои украински дронови, на пат кон руски цели, накратко влегле во воздушниот простор на балтичките држави.
Латвија остро реагираше, порачувајќи дека станува збор за руска дезинформациска кампања и упати официјална протестна нота до Москва. Естонија исто така ги отфрли тврдењата дека дала било какво одобрување за такви операции.
Од друга страна, Украина им се извини на партнерите за инцидентите, наведувајќи дека беспилотните летала веројатно скршнале од рутата поради дејствувањето на руските системи за електронско војување.
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, подоцна ја обвини Русија дека намерно ги пренасочува дроновите за да влезат во воздушниот простор на соседните држави и така да предизвикаат политички тензии.
Најкратката рута од Украина кон руските пристаништа во областа на Санкт Петербург минува покрај источната граница на Белорусија, како и покрај територијата на Латвија и Естонија, што дополнително го зголемува ризикот од инциденти во воздушниот простор на тие земји.
Во такви околности, секое скршнување на дроновите или техничка грешка би можело брзо да прераснат во политички спор, особено во контекст на веќе затегнатите односи меѓу Русија и западните сојузници.