По обидот на тројца агенти на Агенција за истрага и заштита (Сипа) на Босна и Херцеговина да достават налог за апсење на претседателот на Република Српска, Милорад Додик, во Административниот центар на Српска во источно Сараево, федералните босански медиуми од минута во минута известуваат за настаните.
Сараевскиот портал „Кликс“ пишува дека голем број припадници на МВР на Република Српска се уште се присутни околу седиштето на Управниот центар, кои ги блокираат споредните улици на зградата и не дозволуваат медиумски екипи да се приближат до оградата на зградата.
Врз основа на ова, тие заклучуваат дека претседателот Додик и неговите соработници ноќевале таму и дека денеска, како што велат, ќе продолжат со активностите на територијата на Република Српска.
Сараевскиот портал Аваз, кој следи колку возила го напуштиле центарот од синоќа, претпоставува и дека Додик се уште е во Административниот центар во источно Сараево.
Кликс, исто така, пишува дека со спречувањето на членовите на Сипа да го уапсат Додик, за кого судот на Босна и Херцеговина издаде централна потерница, припадниците на Министерството за внатрешни работи на Република Српска „учествуваат во спречувањето на босанските правосудни органи да дојдат до осомничени за криминални дела“.
Судот на Босна и Херцеговина претходно издаде налог за апсење на Додик и на претседателите на Собранието и на Владата на Република Српска, Ненад Стевандиќ и Радован Вишковиќ, бидејќи тие, наводно, не одговориле на поканата од обвинителството на Босна и Херцеговина.
Судот на Босна и Херцеговина тогаш побара Интерпол да распише црвена меѓународна потерница, но тие беа одбиени, пренесува Танјуг.