Високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит денеска ги суспендираше сите буџетски средства за финансирање на политичките партии СНСД и Обединета Српска наменети за сите нивоа на власт во БиХ. Како што рече, средствата ќе бидат суспендирани и пренасочени на посебна сметка во Централната банка на Босна и Херцеговина, пренесува Klix.ba.
СНСД е матичната партија на Додик (тој е нејзин основач и долгогодишен претседател), а Обединета Српска е нејзин коалициски партнер.
„Оваа одлука ги поддржува напорите на институциите на БиХ да се спротивстават на нападите на владејачката коалиција од РС врз основните принципи и уставниот поредок на БиХ. Раководството на Обединета Српска и СНСД се водечки во овие акции. Нивната постапка е во спротивност со почитувањето на Дејтонскиот договор“, рече Шмит во вонредното обраќање во медиумите во Сараево.
Тој додаде дека територијалниот интегритет и суверенитет на БиХ се неспорни. „И ентитетите и Брчко имаат права кои се гарантирани од Дејтона. Но, овие права бараат почитување на Дејтон и демократијата. Раководството на СНСД и Обединета Српска ги охрабрува институциите на РС и нивните граѓани да вршат криминални дејствија со закана дека ќе ги санкционираат доколку не ги почитуваат“, додаде тој.
Да потсетиме, во средата вечерта тројца инспектори од Државната агенција за истраги и заштита (СИПА) дојдоа во канцеларијата на РС во Источно Сараево додека Додик престојуваше таму, со намера да му го врачат решението на Судот на Босна и Херцеговина со кое ќе му одреди мерка притвор во траење од еден месец.
Инспекторите, кои се појавија без никаква поддршка како што се очекуваше при ризичните апсења, беа запрени на приодот до зградата од припадници на полицијата на РС, меѓу кои имаше и специјалци.
На социјалните мрежи се појавија снимки од кратка дискусија меѓу инспекторите на СИПА и ентитетските полицајци на која се слушаше пораката „Тука нема да го уапсите“.
Голем број полицајци на МУП на РС беа распоредени во Источно Сараево и во четвртокот наутро дополнително обезбедувајќи ја зградата во која се наоѓаат канцелариите на ентитетските власти, од која главното седиште на СИПА е оддалечено помалку од еден километар.
Инаку, како што објави сараевски Аваз пред еден час, Додик ја напуштил зградата на Административниот центар на Владата на РС во Источно Сараево.
Пред тоа сообраќајот беше затворен на улицата од каде што требаше да помине Додик. Според известувачот на Аваз од местото на настанот, Додик покажал три прста додека поминувал покрај новинарите.