Додик за амбасадорот Марфи: Би го скршил како играчка. За две минути

од Илинка Илиоска
516 прегледи

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик ги нарече лага наводите во образложението за новите американски санкции наметнати на компании во сопственост на неговото семејство и притоа најави дека физички би се пресметал со амбасадорот на таа земја Мајкл Марфи.

„Многу лаги, многу претпоставки. Лагата не може да биде политика“, вели Додик во интервју за печатеното издание на сараевскиот Dnevni avaz.

Американската администрација го прошири списокот на санкционирани лица и фирми во сопственост на синот на Додик, Игор, како и голем број компании со седиште во Бања Лука и Лакташи, како и телевизијата УНА.

Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) на американското Министерство за финансии изјави дека овие компании ја сочинуваат мрежата на главните извори на приход на српскиот лидер Милорад Додик и неговото семејство, кои претходно беа под санкции поради поткопување на Дејтонскиот мировен договор, и ги обвини за корупција.

Додик, пак, тврди дека сите обвинувања се неосновани и смешни, а локалното Обвинителство во БиХ нема никакви докази за наводното кривично дело.

Како најодговорен за неговиот прогон тој го оцени актуелниот американски амбасадор во БиХ, кого го нарекуваше со различни погрдни имиња. Додаде дека и физички би се справил со него, наведувајќи како тренирал бокс.

„Би го скршил како играчка. За две минути“, рече лидерот на Република Српска. На забелешката на новинарот дека Марфи не е истата боксерска категорија, Додик одговори дека „тој е доволно голема будала“.

На прашањето дали на Босна и Херцеговина ѝ се закануваат нови воени конфликти, Додик рече дека тоа треба да се спречи.

„Сега треба да избегнеме секаков вид конфликт. Пред еден месец немаше никој во Сараево кој не зборуваше за војна. Јас не сум човек на војна“, рече тој.

Додик постојано најавуваше отцепување на Република Српска од Босна и Херцеговина доколку се направи обидда се одземат суверените права на српскиот нетитет кој според него извира од мировниот договор од Дејтон од 1995 година, на што неколку бошњачки функционери одговорија дека тоа не може да се случи без војна.

Во врска со Резолуцијата на ОН за Сребреница, лидерот на Република Српска рече дека таа е политизирана, наведувајќи дека таму се случило злосторство и изрази „пиетет и сочувство до семејствата на жртвите“.

Во мај, Генералното собрание на ОН усвои резолуција со која се потсетува на геноцидот врз Бошњаците од Сребреница во 1995 година, повикувајќи на почитување на жртвите и фактите утврдени со судски пресуди, како и воспоставување на меѓународен ден за сеќавање на тоа злосторство.

Слични содржини