Претставниците на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и на надлежните институции во земјава постигнале договор за пристап до околу 200 милиони евра од Програмата за претпазливост и ликвидност на ММФ. Како што објавија денеска на прес-конференција во Владата, министерот за финансии Фатмир Бесими и шефот на Мисијата на ММФ во Скопје Жак Миниан, овие средства треба да бидат достапни по состанокот на Извршниот одбор на ММФ на 21 декември.
-Ова зависи од одобрувањето на Извршниот одбор на ММФ. На 21 декември ќе има средба и ние ќе препорачаме да се одобри, а ако се одобри ревизија, околу 200 милиони евра ќе станат достапни за надлежните органи во Северна Македонија, изјави Миниан.
Тој рече дека од она што го знае, надлежните во земјава планираат да повлечат 150 милиони евра, а останатите да послужат за резерва.
-Фактот што постигнавме договор е многу важен. Втората порака што сакам да ја пренесам е дека очекуваме економските активности да се забрзаат како влегуваме во 2024 година. Очекуваме да се изгради Коридорот 8/10д. Проектот да се забрза. Во моментов се вршат геолошки истражувања, но како ќе се врши градбата тоа ќе ги стимулира економските активности, рече Миниан.
Според претставникот на ММФ, за оваа година тие предвидуваат раст од 3,2 отсто, и исто толку за следната година.
-Важно е да се забрза растот во Северна Македонија затоа тој е клучниот фактор за приходите да се доближат на оние од Западна Европа. Тој процес функционираше многу добро до 2010 година, а од тогаш не е толку добро. Значи потребни се политики да се зголеми продуктивноста, за да се зголемат инвестициите и затоа е толку важно да оставиме простор во буџетот за капиталните трошоци, рече Миниани.
Третата негова порака е дека фискалната политика, буџетската политика и бројки се добри и одат во вистинска насока. Миниани изрази уверување дека надлежните ќе ги запазат целите за дефицит и дека постои можност тоја за оваа година да биде дури и понизок. За 2024 година ММФ, како што вели, целосно ги поддржува намерите на Владата да го одобри буџетот за 2024 година кој што би бил конзистентен со нивната цел буџетскиот дефицит да биде 33-34 милијарди денари. Шефот на ММФ за земјава вели дека потребно е земјата да има заштеди, но и дека инфлацијата се намалува и оти е пожелно тој тренд да продолжи.
-Затоа е важно фискалната политика да е во согласност со монетарната политика за да се помогне да се оствари оваа цел. Знаеме дека претстои изборен период и во тој период важно е Владата да избегнува големи ветувања. Сваќаме зошто е одобрен Колективниот договор за да се зголемат платите за тие да ја стигнат инфлацијата и буџетот за 2024 година има доволно средства да се покрие Колективниот договор, но не треба да даваме нови ветувања, нови покаќувања. Тоа би било лошо за Буџетот и за инфлацијата, рече Миниани.
Во однос на инфлацијата вели дека таа се намалува поради глобалните фактори, и дека се намалуваат цените на храната и на енергијата. Миниани вели дека рамката на Народната банка е доста цврста и дека таа има инструменти да испорачува резултати, но тоа, според него, не значи дека треба да бидеме задоволни.
Шефот на ММФ за земјава истакна дека банките во Северна Македонија се доста здрави, ликвиди се, имаат капитал и се согласуваат со Народната банка дека сега е моментот банките да создадат резерви.
Министерот Бесими, рече дека постигнат договор за втората транша со ММФ.
– Постигнавме договор и за втората транша, односно, во оваа фаза, секако ќе следат процедури до крајот на годината во менаџментот на ММФ. Но, и тоа што беше наш прв услов, да усвоиме буџет со 3,4 проценти дефицит, што е значително намалување на дефицитот во однос на тековната година, ако споредиме од Ковид наваму, кога дефицитот беше 8 проценти од БДП, имавме рецесија од 4,7 отсто. Денеска зборуваме за тренд за зголемување и забрзување на растот што се планира за наредната година да биде повисок бидејќи инфлацијата веќе ја сведовме на едноцифрена, рече министерот, кој појасни дека се очекува наредната година просекот да биде 3,5 отсто.
Бесими рече дека се стабилизираат очекувањата и се создава основа.
-Сите колеги министри, вклучително и премиерот, застанаа зад овој буџет кој ќе го презентираме во Собрание, со овие главни политики што беа пренесени, а и со поддршка од меѓународните институции како што е ММФ, ЕК, Светска Банка и другите банки што го поддржуваат финансиски овој буџет, што ни создава една солидна основа за добар кредитен рејтинг на државата, на меѓународните финансиски пазари, спрема инвеститорите, рече Бесими.