„Се прашуваме на кого се обраќа Филипче со овие изјави со кои покажува дека не е присутен во реалноста. Загрижувачки е кога гледаме ваква опозиција потоната во свој микро свет каде сите се лоши само тие се добри. Кој мисли дека му верува на Филипче кога кажува дека Македонија е како Иран и Венецуела? И ако е Македонија како Иран, дали со оглед на тоа што СДС беше на власт 7 години а во влада скоро 9 (со се техничката), ова значи дека Заев е Ајатолахот а Филипче неговиот прв проповедник?“ Реагираат од владеачката ВМРО-ДПМНЕ на утрешниот прес на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, каде што меѓудругото ја обвини власта за режимско владеење „слично на Венецуела и Иран“.
Оттаму изразуваат чудење за целта на прес конференцијата на Филипче, нарекувајќи ја партиската реторика на СДСМ „бесцелна, досадна и манипулативна“, додавајќи дека кога Филипче говори за економијата, треба да има предвид дека тој беше дел од владата во период во кој околу 500 илјади граѓани живееја со по 150 денари дневно и во кој беа најавувани, но никогаш реализирани, инвестиции од Фејзбук и Гугл.
„Што се однесува до човековите права и споредбите со Иран, Ајатолахот, а и Филипче беа дел од една иста влада која спроведе најбрутална политичка пресметка и политички прогон преку инструментите на СЈО. Тоа СЈО прерасна во огромна кражба и рекет машинерија од која Филипче историски и политички треба да се срами. СДС на чело со Филипче нема визија ниту за сопствената партија ниту за државата, токму затоа се на политичкото дно“, се додава во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.