Др.Дудучки: Емитување вести поврзани со Украина доведуваат до воена психоза

од Маја Анчевска
414 прегледи

Емитувањето на воените сцени од Украина неповолно влијаат врз човековата психа и зависи од многу фактори: од возраста на личноста, од нејзини лични особености, од претходни искуства, од сплотеност во семејството и од врските со пријателите.

– На емотивно ниво предизвикуваат бура на емоции, лутина, гнев, бес, чувство на безпомошност, вербална агресивност. На когнитивно (сознајно) ниво будат многу мисли кои постојано се наметнуваат колку и да сакаме да ги отргнеме.  Будат кај различни луѓе различни ставиви околу оправданост или неоправданост на војната.  На физиолошко ниво предизвикуваат вознемиреност проследена со аксиозност, срце биење, треперење, кај некои зголемување на пулсот, зголемен крвен притисок и слично.  На бихејвиорално ниво предизвикува организирање на собири против воени дејствиа, реакции кои се споделуваат на социјалните мрежи или учество во контактни ТВ емисии со цел да се искаже сопствениот став, вели невропсихијатарот, д-р Мице Дудучки за „Локално“.

Со војната во Украина се зголеми аксиозноста, стравот и паниката која веќе постоеше на доста високо ниво поради долгото траење на несигурноста поради ковид состојбата, поради загриженоста за сопственото здравје и социјалната дистанца која беше неминовна.

– Како продолжение на ковид состојбата можно е да ескалираат побрзо психичките проблеми како што се: повлекување, депресивно расположение како последица на предходното веќе распространета анксиозност, страв и паника, вели докторот.

Според докторот ментални растројства  како последица на зачестени вести од војната се најизразени кај лицата што веќе предходно ги искусиле војните дејствија. Кај нив вестите се рефлектираат  најнегативно.

–  Емитување на воените сцени и постојани вести поврзани со Украинската војана најмногу негативно влијаат кај оние кои имале искуства и самите учествувале во борбени дејствија, а тоа се пациентите со пост-трауматско стресно растројство настанато во борбени услови каде што имаме неколку илјади граѓани на Куманово, Македонија, Косово и Босна кои учествувале во индиректни зададени дејствија во Ирак и Авганистан и каде најнеповолно се одразуваат, односно се создаваат флешбекови поточно интуивни мисли.

Кај лица кои се хиперсензитивни се создавааат чувство на несигурност, страв дури и паника затоа што голем број од медиумите за жал известуваат нереално и сензационалистички. Сигурно дека тоа претсавува една состојба на воена психоза не само во Украина туку и во Европа и кај нас, смета Дудучки.

Како што посочува докторт, македонските граѓани најмногу стравуваат дека војната може да ескалира и да се прошири или пак, како членка на НАТО нашата држава да земе учество во војните операции во Украина.

– Најзастапени се акутно стресни реакции, панични, депресивни реакции, иницирана аксиозност па дури и понекогаш психотични реакции и сето тоа се последици од негативни влијаниа на самите пропагадни  активности и на вестите кои ги слушаме. За жал, граѓаните често подпаѓаат под такво влијание. Сведоци сме како се празнат маркетите со неопходни животни намерници, што е непотребно и ирационално. Всушност ваквите рекации се од страв и паника дека може да се завојува и кај нас, тврди докторот.

Целокупната напната состојба според психијатарот може да доведе до агресивност, насилство, па и крвопролевање доколу ваквата напнатост и неизвесност од исходот трае подолго време.

– Тоа може да се случи особено кај лица кои предходно искусиле некое трауматско доживување, а при тоа не се справиле ефикасно со стресот. Неефикасно справување може да доведе до психички пореметувања (реактивно предизвикани), до злоупотреба на психоактивни супстанци и алкохол, промени во однесувањето, изливи на лутина, бес, гнев, вербална и физичка агресивност, насилство и друг вид деструктивно однесување, потенцира тој.

Стравот и напнатоста според психијатарот можат да се регулираат со помош на техниките за саморегулација на симптомите на стрес, а доколку не даваат видливи резултати неопходно е да се побара стручна психолошка помош.

–  Луѓето можат да се справат со негативната енергија со: огрничување на времето за следење на информации поврзани со воени дејствија, избегнување на давање на коментари на социјални мрежи (со што ќе се избегнат непријатностите од негативно реагирање на нивниот  коментар), одбегнување на дискусии поврзани со воен конфликт за време на неформални дружења, како и за време на работни состаноци, ширење на позитивно размислување за поскоро завршување на конфликтот и заземање на неутрален став во врска со конфликтот. Тука е опфатен и индивидуален стрес менаџмент : примена на техники за релаксација ( техники на дишење, начини на психичка и физичка релаксација и опуштање, стекнување на физичка отпорност – вежбање и одржување на социјални контакти), потенцира докторот.

M.A.

Слични содржини