Здравствените власти на американската сојузна држава Флорида ќе постапуваат спротивно упатствата на Центарот за контрола и превенција на болести на САД најавувајќи дека нема да препорачуваат вакцинирање здрави деца против Ковид-19.
Највисоките претставници на здравствениот сектор на Флорида пред медиумите нагласија дека таквата одлука се базира врз студии што покажуваат многу мал број смртни случаи од Ковид-19 кај здрави деца, но и зголемен ризик од појава на миокардитис кај млади лица последица на несакани ефекти од вакцинирањето.
„Флорида ќе биде првата сојузна држава што официјално ќе застане против употребата на вакцини за Ковид-19 за здрави деца”, изјави главниот државен хирург д-р. Џозеф Лападо.
Студија со податоци од здравствените досиеја на државата Њујорк објавена минатата седмица сугерира дека вакцината на „Фајзер/Бионтек” е помалку ефикасна во спречувањето на инфекцијата со Ковид-19 кај деца на возраст до 11 години отколку кај повозрасните млади, со намалување на хоспитализирањата за околу 50 отсто.
Според Извештајот на Сојузната агенција за превенција на болести објавен во јануари, вакцината покажала 91-процентна ефикасност во спречувањето на ретки, но сериозни поствакцинални состојби кај децата. Тука пред се се посочуваат органски воспаленија како Мултисистемски воспалителен синдром регистриран поствакцинално кај млади на возраст меѓу 12 и 18 години.