Демократскиот сојуз повикува на единство, разумен и одговорен пристап кон градење на излезни решенија од севкупната криза во која западна Македонија.
Наместо да чекаме “странците” да нудат договори и ни ги разрешуваат нашите проблеми, предлагаме сите одговорни луѓе да седнат на маса и утврдат Платформа за излез од кризата која го блокира целокупниот систем, евроинтеграциските процеси, создава економска нестабилност и го нарушува нормалното одвивање на животот.


ДС предлага, свикување на седница на Парламентот и одлагање на изборите, со што ќе се создадат услови за избор на експертска Влада (не политичка).
Мандаторот да биде кандидат со високи професионални и демократски капацитет, без партиски багаж, кој ќе има слобода, да го формира Владиниот кабинет од професионалци, а министрите самостојно да ги формираат своите тимови (државни секретари, помошници, директори итн.).
Експертската Влада да има мандат да ги разреши круцијалните прашања:
-Воспоставување на уставни механизми (промени на Уставот) и гаранции дека никогаш повеќе не ќе може да се етаблира авторитарна власт каква што денес имаме и која е основна причина за кризата. Никогаш да не се повтори еден човек – една партија – една власт.
-Обезбедување на основни предуслови за утврдување на политичка и кривичноправна одговорност за сите што со злоупотреба на довербата на граѓаните ја вовлекоа Македонија во длабока криза, ја ограбија и предизвикаа иселување на креативните и стручни кадри, а резултат од таквата политика се повеќе испразнети градови.
-Реформа на судскиот систем преку рекомпонирање на Судскиот совет и реизбор на судиите и формирање на Судски Оддел кој ќе постапува по обвиненија на СЈО.
-Реформи на безбедносниот систем и деблокада на институциите со јасна одговорност за тие што ќе ги кочат реформите, како и целосна деполитизација и департизација на државните институции и администрацијата.
-Реформи во медиумите и утврдување на правила за објективно, избалансирано и правично информирање.
-Реформи во изборните правила. Македонија да биде една изборна единица, како основа за демонтажа на еднопартискиот систем.
-Целосна деблокада на евроатланските процеси, преку спроведување на препораките на ЕУ и заклучоците од експертскиот Извештај на Прибе.
-Обезбедување на економска стабилност и создавање на амбиент за нови инвестиции, работни места и запирање на процесот на иселување на креативните кадри во странство.
-Прифаќање на бројните идеи од граѓанскиот сектор, кој прераснува во движечка сила на промените и правдата во Македонија.
Демократскиот сојуз повикува на политички дијалог во кој ќе бидат вклучени сите релевантни партии, граѓанскиот сектор, експертите, како и медиумите.
Нема време за чекање, прв што треба да повлече потег е Ѓорге Иванов, да ја повлече аболицијата за креаторите на кризата и да влијае на смирување на состојбите.
ДС и натаму ги поддржува протестите, но тие пред се треба да бидат мирни.

Слични содржини