Едно тело е извлечено од водата во близина на местото на потоната луксузна јахта кај брегот на Сицилија, откако нуркачи пронајдоа уште две исчезнати лица. Шефот на агенцијата за цивилна заштита на Сицилија, Салваторе Кочина, потврди дека се пронајдени две тела во јахтата која потона околу 5 часот наутро во понеделникот.
Тој рече дека ќе има истрага во догледно време, но приоритет е да се пронајдат оние кои се уште се водат за исчезнати.
Како што јави ДПА, зелена вреќа за тело била однесена во пристаништето Портчело каде чекале десетици вработени од службите за итни случаи.
Италијанската крајбрежна стража претходно не ја отфрли можноста исчезнатите, вклучително и технолошкиот тајкун Мајк Линч и неговата 18-годишна ќерка Хана, да се сè уште живи, а експертите шпекулираат дека при потонување на јахта може да се формираат воздушни џебови.
Меѓу исчезнатите се и претседателот на банката Морган Стенли Интернешнл, Џонатан Блумер, неговата сопруга Џуди Блумер, адвокатот на Клифорд Ченс, Крис Морвило и неговата сопруга Неда Морвило.
Утрово биле спроведени и проверки на внатрешниот труп на јахтата.
Тим од четворица британски инспектори од британската владина организација за истрага на морски несреќи (МАИБ) исто така пристигна во Портчело за да го истражат местото на потонувањето.
МАИБ истражува што се случило бидејќи јахтата пловела под британско знаме.
Италијанската крајбрежна стража соопшти дека МАИБ не е вклучена во потрагата по исчезнатите лица и оти не е побарана помош.
Мајк Линч, еден од исчезнатите патници „е британскиот Бил Гејтс“. Тој е коосновач на софтверската компанија Autonomy, а во 2011 година ја продаде на американскиот компјутерски гигант Hewlett-Packard (HP) за 11 милијарди долари. Во јуни, тој беше ослободен во САД од повеќе обвиненија за измама, поради кои му се закануваше казна од 20 години затвор.